Моделот GM955 на ГРИН МАШИНС – БРАКО влегува во завршната фаза на тестирање – следуваат финалните проверки во TÜV SÜD Минхен

Моделот GM955 на ГРИН МАШИНС – БРАКО влегува во завршната фаза на тестирање – следуваат финалните проверки во TÜV SÜD Минхен

пред 8 часа

Најновата верзија на GM955, професионално возило за машинско чистење произведено во фабриката на ГРИН МАШИНС – БРАКО во Велес, заминува за Минхен, Германија, каде што следната недела ќе продолжи процесот на тестирање и хомологација директно во TÜV SÜD.

Моделот GM 955 добива повеќе значајни технички унапредувања – нов Perkins мотор, редизајнирана кабина со подобрена ергономија и нови LED светла, нов систем за контрола на возилото развиен во соработка со Parker, како и нов систем за управување со две или четири тркала, во зависност од работните услови. Во кабината, досегашната контролна конзола е заменета со централен екран со интегрирани команди, што овозможува поедноставно и поинтуитивно управување.

Минатата недела експерти од TÜV SÜD Германија престојуваа во производствените капацитети на Грин Машинс во БРАКО во Велес, каде што беа спроведени проверки на усогласеноста на возилото со германската регулатива StVZO, ЕУ Директивата за машини 2006/42/EC и барањата во рамките на постапката за оцена на сообразност.

Следната фаза ќе се одвива директно во Минхен, каде што GM 955 ќе биде подложен на тестирање на електромагнетната компатибилност согласно ECE Regulation No. 10. Со тестирањето се проверува дали електричните и електронските системи на возилото функционираат сигурно, без да создаваат недозволени електромагнетни пречки и без нивната работа да биде нарушена од надворешни електромагнетни влијанија.

Фактот што возилата произведени од Green Machines во Велес се тестираат и минуваат низ постапките за хомологација директно во TÜV SÜD во Минхен, во систем во кој се тестираат и оценуваат возила на водечки светски автомобилски производители, е значајна потврда за инженерскиот развој и квалитетот на возилата што се произведуваат во Велес.

GM 955 е најголемиот модел во портфолиото на Грин Машинс, наменет за професионално машинско чистење на урбани, индустриски и други јавни површини.

Грин Машинс е еден од водечките европски производители на професионални возила за машинско чистење, кои денес се извезуваат и користат во над 60 земји низ светот.

Share
Scroll to Top