МОН воведе AI четбот во Е-дневникот: Побрза поддршка за наставници, родители и ученици

МОН воведе AI четбот во Е-дневникот: Побрза поддршка за наставници, родители и ученици

пред 2 часа

Министерството за образование и наука во соработка со Центарот за трансфер на технологии и иновации ИНОФЕИТ при Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје воведе ново дигитално решение за поддршка на корисниците на системот Е-дневник.

Станува збор за напреден AI четбот базиран на современа RAG (Retrieval-Augmented Generation) архитектура, кој е директно интегриран во платформата Е-дневник и овозможува интелигентно пребарување и генерирање на прецизни одговори на прашањата што ги поставуваат корисниците.

Од Министерството информираат дека новото решение овозможува значително поефикасна обработка и структурирање на документацијата, при што е создадена сеопфатна база на знаење за користење на Е-дневникот на македонски и на албански јазик.

Со ова, наставниците, учениците, родителите и административниот кадар ќе можат побрзо и полесно да добиваат релевантни информации и техничка поддршка поврзана со користењето на системот.

Според МОН, четботот е успешно имплементиран и функционира преку безбедна облак-платформа, при што се применети дополнителни механизми за заштита на податоците и контрола на содржините.

Во рамки на проектот е воспоставен и систем за мониторинг и оптимизација, кој овозможува континуирано следење на перформансите и анализа на начинот на кој корисниците го користат системот.

Од Министерството оценуваат дека ова претставува уште еден чекор во процесот на дигитализација на образовниот систем и модернизација на услугите што им се достапни на учениците, наставниците и родителите.

Новиот AI асистент треба да придонесе за побрзо решавање на проблемите, полесен пристап до информациите и поефикасно користење на Е-дневникот во секојдневното работење на училиштата низ државата.

Share
Scroll to Top