Џамал Мусиала јавно проговори за својата здравствена состојба по загрижувачките сцени на подготовките на Баерн Минхен, кога двапати се урна на терен во период од само три дена.
Првиот инцидент се случил во саботата на натпреварот против РБ Лајпциг, откако претходно постигнал гол, додека слична ситуација се повторила во вторникот против Хајденхајм, само неколку минути откако влегол во игра.
По вториот случај, спортскиот директор на Баерн, Макс Еберл, не сакал да навлегува во детали. Тој само посочил дека клубот е запознаен со состојбата и најавил дека самиот Мусиала ќе објасни за што станува збор.
Набргу потоа, 23-годишниот германски репрезентативец се обрати до јавноста.
„Добро сум, сакам да ги смирам сите што се загрижени“
Мусиала најпрво им се заблагодари на навивачите за бројните пораки и поддршката, нагласувајќи дека се чувствува добро.
Тој призна дека разбира зошто снимките од неговите падови на теренот предизвикале голема загриженост и токму поради тоа одлучил јавно да соопшти дел од информациите за својата здравствена состојба.
Според неговото објаснување, лекарите кај него утврдиле привремени и краткотрајни епизоди на отсутност, односно апсанси, кои можат да се третираат и се поврзани со невролошка дисфункција.
Тој посочи дека токму ваквите епизоди можат да доведат до ситуации слични на оние што се случија на натпреварите против Лајпциг и Хајденхајм.
Мусиала е свесен дека сето тоа од страна може да изгледа застрашувачки, но вели дека во моментов ваквите епизоди се нешто со кое мора да се справува во секојдневието.
Под постојана лекарска контрола
Фудбалерот истакна дека се наоѓа под најдобра можна медицинска грижа и дека е оптимист во однос на понатамошниот тек.
Според него, Баерн Минхен и неговите најблиски луѓе постојано се покрај него и му ја даваат потребната поддршка.
Најважниот дел од неговото обраќање се однесува на прашањето дали ќе продолжи да игра фудбал.
Мусиала нагласи дека лекарите му дале зелено светло за продолжување на спортските активности.
Според информациите што ги добил од медицинските експерти, неговата состојба во моментов не носи дополнителен здравствен ризик надвор од веќе дијагностицираниот проблем.
Тој е во постојан контакт со специјалисти и нагласува дека одлуката да продолжи со фудбалот не е донесена спротивно на медицинските препораки.
Напротив, според Мусиала, невролошките специјалисти му дозволиле да продолжи со тренинзите и натпреварите.
„Фудбалот е мојата најголема страст“
Мусиала објасни дека неговата лична желба е да се соочи со здравствениот проблем и да продолжи да живее што е можно понормално.
Токму секојдневниот живот и фудбалот, кој го опишува како своја најголема страст, му помагаат во целиот процес.
Тој истакна дека свесно ја презема одговорноста за одлуката да продолжи да игра и дека верува оти во моментов тоа е правилниот пат за него.
Германскиот репрезентативец додава дека генерално се чувствува многу добро и дека најмногу му помага тоа што може да остане со своите соиграчи.
Неговата желба е да продолжи да тренира, да игра, да победува и со Баерн да се бори за нови трофеи.
Побара јавноста да ја почитува неговата приватност
Откако ги сподели основните информации за својата состојба, Мусиала побара од јавноста и медиумите да ја почитуваат неговата приватност.
Тој не сака дополнителните медицински детали да бидат тема во јавноста и планира тие информации да останат меѓу него, најблиските, клубот и лекарите кои ја следат неговата состојба.
Неговото обраќање следуваше откако поранешниот голман и директор на Баерн, Оливер Кан, јавно изразил загриженост поради фактот што вториот инцидент се случил само неколку дена по првиот.
Кан сугерирал дека Мусиала можеби треба да направи подолга пауза од фудбалот.
Самиот Мусиала, сепак, сега јасно стави до знаење дека во овој момент не размислува за повлекување или подолга пауза.
Како што нагласи, одлуката да продолжи да игра е донесена по консултации со медицинските специјалисти и со нивна дозвола, а неговата цел останува што поскоро целосно да се врати на фудбалските обврски и заедно со Баерн да продолжи да се бори за победи и трофеи.






