Мими Рајнхард, секретарката во канцеларијата на Оскар Шиндлер, која на машина за пишување го состави списокот на Евреи кои беа спасени од речиси сигурна смрт во нацистичка Германија, почина во Израел на 108 години. Веста за нејзината смрт ја потврди нејзиниот син Саша Вајтман.
Мими е една од 1.200 Евреи што ги спаси германскиот бизнисменот Шиндлер, откако ги поткупил нацистичките власти за да ги задржи како работници во неговите фабрики. Режисерот Стивен Спилберг врз основа на раскажувањата го сними оскаровскиот филм „Шиндлеровата листа“ од 1993 година.
Рајнхард е родена како Кармен Копел во Виена, Австрија, на 15 јануари 1915 година. Таа пред почетокот на Втората светска војна се преселила во Краков, Полска. По инвазијата на нацистичка Германија над Полска во 1939 година, Мими била затворена во гетото „Краков“ пред да биде испратена во концентрациониот логор „Плашов“ во 1942 година.
Благодарение на тоа што познавала стенографија, таа добивала задачи во административната канцеларија на логорот, каде што две години подоцна на машина го препишала рачно напишаниот список со имиња на Евреи кои ќе треба да бидат префрлени од логорот во фабриката за оружје на Шиндлер.
„Не знаев дека тоа е толку важна работа – тој список. Прво, ги добив имињата на оние кои веќе беа со Шиндлер во Краков, во неговата фабрика. Требаше да ги ставам на списокот“, рекла Рајнхард на настан што се одржа во Меморијалниот центар на холокаустот „Јад Вашем“ во Ерусалим во 2008 година.
Притоа таа објаснила дека така го додала своето и имињата на двајца нејзини пријатели на списокот.
Во работниот логор Брунлиц, каде што се наоѓала фабриката на Шиндлер, таа била ангажирана во неговата канцеларија сѐ до крајот на војната, но немала многу чест личен контакт со Германецот што ја спасил.
„Тој беше многу шармантен, доста отворен. Не се однесуваше со нас како со ѓубриња“, изјавуваше таа многу години по крајот на војната.
Кога завршила војната, Мими отпатувала во САД, но во 2007 година се преселила во Израел. Тогаш имала 92 години. Нејзиниот син Вајтман изјави дека по пристигнувањето во Израел станала своевидна славна личност поради филмот, што, според него, придонело таа да живее уште 15 години.