Потребни состојки:
2 јајца,
100 г шеќер,
1 кесичка ванила шеќер,
4 лажици брашно,
2 лажици нишесте,
800 мл млеко,
80 г путер,
500 г бисквити (плазма, пишкоти, или некои други кекси по ваш вкус)
Начин на подготовка:
Во едно подлабоко тенџере скршете две јајца па пенасто изматете ги со виљушка или жица. Додајте 100 г шеќер и продолжете да мешате додека шеќерот да се растопи, па додајте го ванилиниот шеќер. Откако добро ќе ги изматите јајцата, додајте 4 полни лажици брашно. Брашното постепено додавајте го додека матите и внимавајте добро да се изедначи смесата, да стане мазна и без грутчиња. Потоа додајте две полни лажици нишесте, па продолжете со матење. Кога смесата ќе згусне, додавајте малку по малку 800 мл млеко и промешајте за да се разреди. Тенџерето ставете го на рингла и загревајте го на умерен оган со постојано мешање. Сварете го кремот исто како пудинг додека да згусне. Во готовиот крем додека сè уште е топол додајте 80 гр путер исечкан на коцки и продолжете со мешање за да се растопи. Кремот префрлете го во друг сад за побрзо да се олади.
Калап за торти со подвижен обрач од 18 см обложете го со проѕирна фолија, па на дното наредете кекси. Во зависност од видот на кексите оцените дали е потребно претходно да ги натопувате во малку млеко или доволно е малку да ги натопите во кремот и да ги залепите на дното од калапот. Откако ќе го пополните дното, преку нив распоредете еден слој од кремот, па врз него наредете нов ред на кекси. Повторно распоредете слој крем и израмнете. Постапката повторете ја додека имате материјал.
На крај тортата одозгора наросете ја со мелени или иситнети кекси или мелени ореви. Оставете ја да преноќи во фрижидер за да омекнат убаво кексите и да се стегне тортата, па послужете ја.