Компанијата „Островот Свети Марко“ го понудила истоимениот остров на продажба за околу 80 милиони евра, иако лани платила 700 илјади на име на данок на недвижности за 2020 година, објавил претседателот на општина Тиват, Жељко Комненовиќ.
„Целиот остров е на продажба, а колку што знам почетната цена е околу 80 милиони евра. Општината нема големи ингеренции врз тој локалитет, но факт е дека е секако еден од најголемите ресурси во моментов и многу важен за дополнителен развој на туристичката индустрија. Порано беше исклучително популарно место за одмор, па се надеваме дека ќе го врати својот поранешен сјај“, изјавил Комненовиќ за Радио Тиват.
Компанијата доставила до Министерството за екологија, просторно планирање и урбанизам барање за издавање на урбанистичко-технички услови, а била планирана и изградба на хотелски комплекс со придружни објекти, информираат од РТЦГ.
Вкупната површина на островот е речиси 340 илјади квадратни метри. До 200 луѓе од Тиват и соседните градови работеа на островот во текот на сезоната. Многумина го сметаат за вистински недопрен природен рај. На него има големо богатство од медитеранска шума, маслинови насади, но и значајни археолошки локалитети.