Добро печениот компир за многумина е неизоставен дел од неделниот ручек. Идеалниот резултат е златно-кафеава и крцкава коричка однадвор, а мека, растресита и речиси кремаста внатрешност. Но токму оваа комбинација не е секогаш лесно да се постигне.
Иако постојат многу трикови за подготовка на совршен печен компир, еден од понеобичните предлози вклучува состојка што многумина повеќе би ја очекувале во десерт отколку во солен прилог.
Станува збор за англиската згусната павлака – clotted cream.
Според компанијата Cornish Dairy Co, токму овој богат млечен производ може да му даде на компирот особено златна и крцкава површина, а притоа внатрешноста да остане мека.
Тајната не е во мед, путер или масло
Кога се зборува за маснотија за печен компир, најчестиот избор е путер, свинска маст, маслиново или друго масло.
Но од Cornish Dairy Co предлагаат поинаков пристап.
„Тајната на навистина одличниот печен компир е корнволската згусната павлака. Богата, свиленкаста и природно слатка, таа го претвора обичниот компир во златен печен компир кој е крцкав однадвор, а мек и растресит однатре“, објаснуваат од компанијата.
Иако clotted cream традиционално многу почесто се користи со слатки јадења, начинот на употреба кај компирот е прилично едноставен.
Како павлаката создава крцкава коричка?
Клучниот трик е згуснатата павлака да не се додава ладна врз готовиот компир.
Најпрво треба добро да се загрее тавата или плехот за печење. Потоа на жешката површина се става павлаката и се остава кратко да се растопи.
Претходно сварените компири потоа се ставаат директно во растопената павлака и добро се превртуваат за секое парче рамномерно да се обложи со маснотијата.
Според Cornish Dairy Co, токму ваквата постапка му дава на компирот подлабок вкус што тешко се добива со вообичаените масла и масти.
Во текот на печењето, млечната маснотија помага да се создаде златна и силно крцкава површина.
Што ви е потребно?
За подготовка на овој рецепт потребни се:
– 1,5 до 2 килограми брашнест компир, на пример Maris Piper или King Edward
– 3 до 4 полни лажици корнволска згусната павлака (clotted cream)
– морска сол по вкус
– свежо мелен црн пипер
– неколку гранчиња свеж рузмарин или мајчина душица, по желба
Првиот важен чекор е добро загреан плех
Рерната треба да се загрее на 200 Целзиусови степени, односно на 180 степени ако се користи рерна со вентилатор. Кај плинска рерна тоа одговара на ознаката 6.
Уште додека рерната се загрева, во неа треба да се стави и празниот плех на кој подоцна ќе се пече компирот.
Причината е едноставна – жешката подлога помага веднаш да започне создавањето крцкава коричка.
Во меѓувреме компирот треба да се излупи и да се исече на приближно еднакви парчиња, за сите да се сварат и испечат рамномерно.
Потоа се ставаат во големо тенџере со ладна посолена вода.
Откако водата ќе зоврие, компирот треба да се вари околу осум до десет минути, односно додека надворешниот слој не омекне доволно за лесно да може да се прободе со нож.
Трикот со „грубите“ рабови е многу важен
Откако ќе се свари, компирот се цеди.
Потоа следува еден од најважните чекори за создавање крцкава површина – компирите треба нежно да се протресат во цедалката.
Со тоа нивната надворешна површина малку се оштетува и станува нерамна.
„Нежно протресете ги за да ги направите рабовите погруби – токму ова ја создава текстурата која во рерната станува неодоливо крцкава“, советуваат експертите.
Потоа компирот треба да се остави две до три минути за да испари преостанатата влага.
Павлаката оди директно на жешкиот плех
Од рерната внимателно се вади претходно загреаниот плех.
На него се ставаат три до четири полни лажици clotted cream, а плехот се враќа во рерната околу 30 секунди.
Целта е павлаката да се растопи и да почне благо да создава меурчиња.
Потоа компирите внимателно се ставаат врз жешкиот плех.
Секое парче треба добро да се преврти за целата површина да биде обложена со растопената павлака.
Во оваа фаза се додаваат сол и свежо мелен црн пипер, а по желба и свеж рузмарин или мајчина душица.
Не ги натрупувајте компирите еден врз друг
Многу е важно компирите да бидат распоредени во еден слој и меѓусебно да имаат доволно простор.
Ако парчињата се премногу блиску едно до друго, пареата што се создава при печењето може да го спречи правилното запекување и формирањето на крцкавата коричка.
На крајот може да се додаде уште малку морска сол и свежи билки.
Компирот најдобро е да се послужи веднаш по вадењето од рерната, додека надворешноста е најкрцкава, а средината сè уште мека и растресита.
Зошто трикот функционира?
Иако употребата на згусната павлака може да звучи необично, принципот е сличен на другите техники за добивање совршено печен компир.
Комбинацијата од претходно кратко варење, намерно создавање груба површина, добро загреан плех и рамномерно обложување со маснотија создава идеални услови за формирање крцкава коричка.
Cornish Dairy Co тврди дека clotted cream дополнително придонесува и за побогат вкус.
За оние кои вообичаено користат масло, путер или маст, овој метод може да биде интересна алтернатива.
Ако целта е компир кој е златен и крцкав однадвор, а мек и воздушест однатре, можеби тајната навистина се крие во состојка што повеќето би ја очекувале покрај десерт, а не покрај главното јадење.






