Вештачката интелигенција е можност што државата треба да ја искористи, а Владата работи на правна рамка и дигитални проекти со цел да го следи технолошкиот развој. Ова го истакна вицепремиерот Александар Николоски на 21. годишна конференција на МАСИТ, каде што зборуваше за податочните центри и примената на напредни технологии во транспортот.
Според Николоски, насоките за дигитален развој се утврдени во Стратегијата за развој на информатичко-комуникациските технологии „SMART MK 2030“.
„Вештачката интелигенција веќе не е само теорија или технологија на иднината, тоа е нешто што се случува околу нас. Таа е голема можност која треба да се искористи“, порача тој.
Се подготвува првиот државен податочен центар
Николоски рече дека се направени законски измени во областа на урбанистичкото планирање и градењето, со цел да се овозможи развој на податочни центри. Според неговата оценка, развојот на вештачката интелигенција и податочните центри има значајна улога во економскиот раст и привлекувањето капитал.
Тој информираше дека заедно со Министерството за дигитална трансформација се работи на подготовка на првиот државен национален податочен центар.
„Веќе ги поминавме сите сериозни одлуки како Влада и двете министерства веќе работат на урбанизација на просторот и завршување на правната рамка, по што ќе следи инвестицијата“, рече Николоски.
Тој изрази надеж дека во скоро време ќе биде реализирана и инвестиција во поголем приватен податочен центар. Притоа, ги повика заинтересираните компании да ги претстават своите деловни идеи пред Владата и министерствата.
Интелигентен транспортен систем на Коридорот 10
Во делот на транспортот, Николоски најави работа на интелигентни транспортни системи во патниот и железничкиот сообраќај. Според него, проектите се поврзани и со барањата на Европската Унија во рамки на Планот за раст.
За патниот сообраќај, тој рече дека пет закони се подготвени и се на финални консултации во Брисел, од каде што очекува потврден одговор во текот на неделата.
„Очекувам до крајот на следната година или почетокот на 2028 година, на Коридорот 10 од Табановце до Гевгелија, веќе да имаме имплементиран интелигентен транспортен систем и потоа да почнеме да работиме на Коридорот 8“, најави вицепремиерот.
Во железничкиот сектор, како што посочи, уште пет закони од истиот пакет се објавени за јавна консултација преку системот ЕНЕР. По нивното усвојување, тој очекува до средината на следната година да може да се разговара и за воведување интелигентни транспортни системи во железницата.
Николоски рече дека за проектот за брза пруга на Коридорот 10 е донесена одлука да се примени најнов систем, кој во своето обраќање го наведе како „EMTC S2“. Тој ја истакна потребата од високо ниво на безбедност и системи што би овозможиле поголема автоматизација во управувањето со возовите, осврнувајќи се и на железничките несреќи во Грција и Шпанија.
Дополнително, вицепремиерот посочи дека забрзано се работи на воведување Национален едношалтерски систем и на нов систем за дигитализација на патната такса.






