Македонија обезбеди 149 милиони евра грант средства преку Инвестициската рамка за Западен Балкан на Европската Унија за изградба на третата делница од железничкиот Коридор 8, на потегот Крива Паланка – Деве Баир.
На денешното потпишување на договорите за грантот, како и договорите за финансирање со Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски истакна дека проектот е од стратешко значење за државата и регионот.
„Денешното потпишување претставува продолжување на визијата Македонија да ја искористи својата уникатна позиција како раскрсница на Коридорите 8 и 10 и да го докаже своето место како срце на Балканот“, изјави Николоски.
Тој посочи дека изградбата на Коридорот 8 е еден од главните приоритети на Владата и дека по долг период на застој, проектот добива реална финансиска конструкција за реализација.
„Ова е исклучително значаен ден, затоа што по скоро две години работа доаѓаме до проект што може да биде реализиран“, рече Николоски.
Министерот информираше дека е постигнат договор и со Бугарија за изградба на прекуграничниот железнички тунел кој треба да ги поврзе двете држави.
„Очекуваме наскоро да се обезбеди дополнителна поддршка од Европската Унија, ЕИБ и ЕБОР за изградбата на тунелот. Овој проект покажува како можат да се решаваат проблемите од минатото и инфраструктурата да се стави на вистинските шини“, додаде Николоски.
Со реализацијата на железничката делница Крива Паланка – Деве Баир, Македонија ќе добие подобра поврзаност со Бугарија и пристап до европските транспортни коридори, што се очекува да придонесе за развој на економијата, полесен транспорт на стоки и поголема регионална интеграција.






