Николоски: Забрзано се гради автопатот Охрид–Кичево, наскоро се отвораат најкомплицираните 10 километри - ФОТО

Николоски: Забрзано се гради автопатот Охрид–Кичево, наскоро се отвораат најкомплицираните 10 километри – ФОТО

пред 1 час

Изградбата на автопатот Охрид–Кичево продолжува со забрзана динамика, а во следните неколку месеци се очекува за сообраќај да бидат пуштени дополнителни 10 километри, кои според вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски претставуваат најкомплициран дел од трасата.

Николоски во објава информира дека во моментов интензивно се работи на повеќе позиции долж автопатот, вклучително на изградбата на галериите, стабилизацијата на земјиштето, довршувањето на мостовите и на двете тунелски цевки.

Според него, две од галериите се целосно завршени, додека на третата работите се одвиваат со засилено темпо.

Тој посочува дека изградбата на галериите е избрана како решение за стабилизација на проблематичните делови од земјиштето и дека досегашните резултати на терен покажуваат оти ваквиот пристап е ефикасен.

Паралелно со овие активности, градежните екипи работат на дополнителна стабилизација на теренот, завршување на мостовските конструкции, како и на преостанатите работи на двете цевки од тунелите.

Николоски нагласува дека станува збор за проект кој во минатото бил практично напуштен и за кој, како што вели, малкумина верувале дека ќе биде довршен.

„Ова беше напуштен проект, ова беше проект во којшто никој не веруваше, но веќе се гледа крајот. Имаме 34 километри на коишто се вози, а во следните неколку месеци ќе отвориме уште 10 километри, коишто се најкомплицираните 10 километри на овој автопат, каде што влегуваат тунелите и галериите“, порача Николоски.

Со отворањето на најавената делница, според објавата, во употреба би биле вкупно 44 километри од автопатот Охрид–Кичево, додека активностите ќе продолжат и на преостанатите делови од трасата до целосното завршување на проектот.

Share
Scroll to Top