Николоски: Македонија ја градиме како раскрсница на Балканот – автопатот Скопје–Блаце ќе отвори нови врски кон Косово, Црна Гора и Јадранот

Николоски: Македонија ја градиме како раскрсница на Балканот – автопатот Скопје–Блаце ќе отвори нови врски кон Косово, Црна Гора и Јадранот

пред 2 часа

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски порача дека стратешката визија на Владата Македонија да стане клучна сообраќајна раскрсница на Балканот постепено се реализира преку изградба на нови патни правци и зајакнување на регионалното поврзување.

Во објава на социјалните мрежи, Николоски посебно се осврна на автопатот Скопје–Блаце, кој, според него, претставува значаен инфраструктурен проект за подобро поврзување со Косово и пошироко со регионот.

„Градиме нов автопат за подобро поврзување со Косово и Црна Гора. Автопатот Скопје–Блаце е значаен инфраструктурен проект кој треба да го зајакне транспортното и економското поврзување на Македонија и регионот, со дополнително отворање кон пристаништето Драч и пристаништето Бар“, наведе Николоски.

Тој истакна дека приоритет на Владата се напредокот, регионалната соработка и економскиот развој, со цел подобрување на инфраструктурата и создавање услови за развој не само на Македонија, туку и на целиот регион.

Според Николоски, уште при формирањето на Владата во 2024 година била поставена јасна стратегија Македонија да ја искористи својата географска положба и да се позиционира како важен транспортен центар на Балканот.

„Кога оваа Влада беше формирана во 2024 година, јасната политика и визија на премиерот Мицкоски беше Македонија да стане раскрсница на Балканот“, порача Николоски.

Тој потенцира дека низ земјата се вкрстуваат два значајни паневропски транспортни правци – Коридорот 8 и Коридорот 10, а со регионалните врски на нив се надоврзуваат и Коридорот 11 и Коридорот 6.

Според Николоски, токму ваквата позиција ѝ дава можност на Македонија да стане еден од главните транспортни јазли во регионот, преку подобро поврзување на истокот и западот, како и на северот и југот на Балканот.

Автопатот Скопје–Блаце, како што посочува тој, е дел од пошироката стратегија за подобрување на патната инфраструктура, олеснување на транспортот на луѓе и стоки и создавање подобри услови за трговија и инвестиции.

„Ја градиме Македонија!“, порача Николоски на крајот од објавата.

Share
Scroll to Top