Николоски најави пуштање на делницата Извор – Врбјани: Се тестира безбедноста во тунелите кај Пресека

Николоски најави пуштање на делницата Извор – Врбјани: Се тестира безбедноста во тунелите кај Пресека

пред 2 часа

Делницата од автопатот Кичево – Охрид, меѓу селата Извор и Врбјани, се очекува да биде ставена во функција во следните неколку недели, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Според него, градежните работи се завршени, а во тек се тестирања на системите за безбедност во тунелите кај Пресека.

Николоски изјави дека изградбата на автопатот се одвива според предвидената динамика и дека останува рокот за целосно завршување до крајот на мај.

„Остануваме на она што го ветивме, а тоа е согласно роковите, до крајот на мај месец да имаме не само целосно пуштен автопат, туку и автопат со сите потребни документи“, истакна министерот.

За потегот од Извор до Врбјани, кој го опиша како најтежок дел од трасата, Николоски рече дека се пробиени двете тунелски цевки. Едната е долга околу 2.100 метри, а другата 1.990 метри.

Според неговата изјава, завршени се и четирите галерии на делницата, како и трупот на патот, мостовите и вијадуктите.

Во моментов, како што наведе, се проверуваат системите во тунелите со цел да се обезбеди високо ниво на безбедност пред пуштањето во сообраќај. Николоски тврди дека на оваа делница се применува најнова европска директива за безбедност во тунелите.

Претходно, премиерот Христијан Мицкоски во изјава за Канал 5 најави дека делницата од Извор до Врбјани ќе биде пуштена во употреба на 8 декември.

Целиот автопат Кичево – Охрид, според најавата на министерот за транспорт, треба да биде завршен и пуштен со потребната документација до крајот на мај.

Share
Scroll to Top