Николоски пред Американската стопанска комора најави наплата на автопат по изминат километар, национален податочен центар и интелигентни транспортни системи

Николоски пред Американската стопанска комора најави наплата на автопат по изминат километар, национален податочен центар и интелигентни транспортни системи

пред 57 минути

Нов систем за електронска наплата на автопатиштата според изминатите километри, национален податочен центар и интелигентни транспортни системи се дел од проектите што ги претстави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на конференцијата за дигитална трансформација на Американската стопанска комора во Македонија.

Во обраќањето на конференцијата во Скопје, Николоски порача дека дигитализацијата и вештачката интелигенција се предизвици што земјата треба да ги прифати за да продолжи да се развива.

Според него, забрзаниот технолошки развој веќе го менува начинот на функционирање на бизнисот, институциите и општеството, а нови можности се отвораат во економијата, здравството, транспортот и други области.

Наплата без патарини на патот

Еден од проектите што ги најави Николоски е нов систем за електронска наплата на користењето на автопатиштата, при кој износот би зависел од изминатите километри.

Тој објасни дека системот не предвидува патарини поставени на патот и оцени дека ваквиот начин на наплата би бил поправеден од сегашниот.

„Не зборуваме за отворен или затворен систем на патарини, туку воопшто нема да има патарини на патот и начинот на којшто ќе се наплаќа користењето на автопатот ќе биде по изминат километар, што е далеку, далеку поправедно од системот којшто го имаме сега“, рече Николоски.

Според најавата, првата примена на системот е планирана на автопатот Кичево – Охрид, чија изградба, како што посочи вицепремиерот, треба да заврши до крајот на мај 2027 година.

Се подготвува национален податочен центар

Николоски истакна дека Владата работи на реализација на стратегијата „Смарт Македонија 2030“, а меѓу клучните проекти ја посочи изградбата на првиот државен национален податочен центар.

Тој најави дека изградбата треба да започне следната година, а во моментов се подготвуваат урбанистичките процедури и потребната документација.

„Идејата е овој податочен центар да ѝ служи на државата и државните институции, на едно место да се соберат сите државни институции. Сега имаме еден систем којшто е раштркан, неорганизиран, секоја институција води сметка сама за себе“, рече Николоски.

Вицепремиерот додаде дека во напредна фаза е и создавањето национален едношалтерски систем, замислен како централизирана платформа преку која релевантните институции ќе работат во заедничко дигитално опкружување.

Интелигентни транспортни системи на Коридорот 10

Во делот на транспортот, Николоски најави и воведување интелигентни транспортни системи, со цел модернизација и поголема безбедност на сообраќајот.

Тој посочи дека се подготвуваат измени на пет закони: три во надлежност на Министерството за транспорт, еден во надлежност на Министерството за внатрешни работи и еден во надлежност на Министерството за локална самоуправа.

Според Николоски, со поддршка на Светската банка веќе е потпишан договор за воведување на овие системи на Коридорот 10, на делницата од Табановце до Гевгелија.

Нивната примена се очекува кон крајот на 2027 или почетокот на 2028 година.

Share
Scroll to Top