На малата трибина на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп се поставени нови столчиња со поддршка од Фудбалската федерација на Македонија, соопшти градоначалникот Дејан Проданоски. Зафатот обезбедува подобри услови за публиката и за навивачите на ГФК „Победа“.
Проданоски упати благодарност до претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, и потпретседателот Марјан Стојкоски за поддршката, изразувајќи очекување дека соработката ќе продолжи и во следниот период.
„Ваквата соработка очекувам да продолжи и во иднина, со цел комплетирање на целиот стадион и лик каков што заслужува нашиот фудбалски храм“, порача градоначалникот.
Тој истакна дека подобрувањето на условите на стадионот е дел од пошироките активности за унапредување на спортската инфраструктура во Прилеп. Паралелно, според него, се работи на изградба на детски игралишта и уредување простори за спорт, рекреација и забава, со посебно внимание на најмладите.
„Инвестираме во спортска инфраструктура, ги поддржуваме спортските клубови и создаваме подобри услови за новите генерации“, истакна Проданоски.






