Аргентинскиот фудбалер, Габриел Омар Батистута, наполни 52 роденден. Популарниот гаучос, како што го нарекуваа медиумите, иако одамна не игра фудбал и понатаму е еден од омилените во светот, еден од оние што со години воодушевуваа со својата игра. Од фудбалот се откажа заради проблеми со нозете. Вели, болките понекогаш биле толку неиздржливи, што Батитута во еден момент побарал од лекарите да му ги ампутираат.
Виртуозот со топката, како што често знаеја да напишат за него италијанските медиуми, сега првпат зборуваше за најтешките моменти во животот.
„Имав голем притисок на вените, со коските, ми беше тешко да одам. Болката на моменти беше пресилна, а таквиот живот ужасен. Имаше денови кога не можев да станам од кревет, плачев од бес. Моето семејство ме бодреше, но страдав. Еднаш беше толку лошо што повикав пријател лекар и го молев да ми ги ампутира нозете. Го преколнував, инсистирав, му велев дека тоа веќе не е живот,“ рекол популарниот „Бати-гол“ во интервју за „Кориере дела Сера“.
„Моите коски на стапалата секогаш беа слаби, кршливи, дисторзиите ме упропастија, никогаш не можев да дадам 100%. Постојано пиев лекови против болка,“ раскажал еден од најдобрите аргентински фудбалери на сите времиња.
Иако низ годините имал повеќе операции, ситуацијата не се подобрувала. Потоа, во 2019 година бил повторно опериран, овојпат во Базел, Швајцарија, по што Габриел вели дека конечно се чувствува многу подобро од претходно.
„Тоа е решението кое го барам веќе 6-7 години,“ додал тој.
Габриел кариерата ја почна во Њуелс одл бојс, а потоа играше за Ривер Плејт и Бока јуниорс, кои се најголемите ривали во Аргентина. Оттаму, во 1991 година се пресели во Фиорентина и стекна статус на фудбалска легенда. Во клубот остана девет сезони, и постигна 207 гола на 333 натпревари. Пороа играше и за Рома, Интер и Ал-Араби.
Buon compleanno, Gabriel Omar Batistuta ?? #ForzaViola ? #Fiorentina pic.twitter.com/Kp3WgCggUg
— ACF Fiorentina (@acffiorentina) February 1, 2021