Општина Битола: Отворена нова ресурсна соба во битолското ООУ „Ѓорѓи Сугарев“

Општина Битола: Отворена нова ресурсна соба во битолското ООУ „Ѓорѓи Сугарев“

пред 3 часа

Во ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола денеска беше ставена во функција новата ресурсна соба, наменета за поддршка на учениците и унапредување на инклузивната практика во училиштето.

На настанот присуствуваа градоначалникот на Битола Тони Коњановски и претседателот на Советот на Општина Битола Бојан Бојкоски, кои упатија благодарност до донаторите за поддршката при опремувањето на просторот.

Ресурсната соба е уредена како современ, безбеден и пријатен простор кој ќе може да го користат учениците, образовните и личните асистенти, наставниците и стручните соработници, во зависност од индивидуалните потреби на секое дете.

Просторот овозможува индивидуална и работа во мали групи, дополнителна образовна поддршка и развој на различни вештини, но и создава средина во која учениците ќе можат да се чувствуваат сигурно, прифатено и поддржано.

Опремувањето и уредувањето на ресурсната соба е реализирано со поддршка од „Hand Till Hand“ и „Handelsbankens Fadderbarns Fond“, на кои од училиштето им изразија благодарност за препознавањето на потребата и придонесот во создавањето подобри услови за учениците.

Од Општина Битола истакнуваат дека со ставањето во функција на ресурсната соба се прави уште еден чекор кон создавање поинклузивна училишна средина, во која различностите се почитуваат и секое дете има еднаква можност да учи, да напредува и активно да учествува во училишната заедница.

Од ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ посочуваат дека ресурсната соба не е само ново уредена просторија, туку простор преку кој инклузијата се преточува во секојдневна практика, со поддршка, разбирање и еднакви можности за секое дете.

Share
Scroll to Top