ПЕТ ВЕЧЕРИ ЗА ПАМЕТЕЊЕ: AERO Street Food Festival 2026 носи концерти, диџеи, улична храна и големо финале со специјални трибјути

ПЕТ ВЕЧЕРИ ЗА ПАМЕТЕЊЕ: AERO Street Food Festival 2026 носи концерти, диџеи, улична храна и големо финале со специјални трибјути

пред 3 часа

Од 4 до 8 септември, паркот „Авионче“ во Аеродром повторно ќе биде една од најживите точки во Скопје. Второто издание на AERO Street Food Festival најавува пет фестивалски вечери исполнети со музика во живо, диџеј-сетови, улична гастрономија, натпревари и интерактивна забава за посетителите.

Под мотото „Поголем, позвучен и поразновиден!“, годинашното издание носи богата музичка програма во која секоја вечер ќе настапуваат по еден бенд и по двајца диџеи.

Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митевски, истакна дека фестивалот е настан што го потврдува Аеродром како место каде се негуваат културата, дружењето и заедништвото.

„AERO Street Food Festival е настан што потврдува дека Аеродром е општина во која се создаваат убави моменти, се негува културата и се гради заедништвото. Навистина ми е драго што и годинава паркот „Авионче“ ќе биде место за музика, дружење, добра храна и забава за сите генерации. Како Општина, секогаш ќе ги поддржуваме настаните што носат позитивна енергија, ја збогатуваат понудата за нашите граѓани и го оживуваат јавниот простор. Верувам дека фестивалот ќе прерасне во убава традиција и секој септември ќе носи посебна атмосфера во Аеродром. Ги поканувам сите да бидат дел од оваа фестивалска приказна“, изјави Митевски.

На фестивалската сцена ќе настапат South Park, Ringtones, Dopamine, Marbel и Acoustic Division. Со различни музички стилови и препознатливи аранжмани, бендовите ќе изведуваат познати домашни и светски хитови и ќе се погрижат секоја вечер да има различен музички карактер.

За атмосферата пред и по концертните настапи ќе бидат задолжени Милан Серафимов, Александар Јорданов, „Јанко петел јаваше“, DJ Marko, DJ Vaso, DJ Rizinski, диџеите од Fluere, DJ Guardian, DJ Ficho и Sure Shotz. Во текот на секоја фестивалска вечер се предвидени по два диџеј-сета.

Посебно внимание привлекува финалето на 8 септември, кога фестивалот ќе заврши со вечер посветена на две големи имиња од македонската музика.

Acoustic Division ќе подготви специјален трибјут за Владо Јаневски, додека Sure Shotz ќе ја заокружат програмата со музички трибјут посветен на ДНК. Последната вечер е замислена како прослава на песни кои оставиле силен белег во македонската музичка сцена и кои публиката ги препознава уште од првите тонови.

„Како и секоја година, остануваме посветени на македонските изведувачи и домашната музика. Во текот на петте фестивалски вечери, публиката ќе ужива во богата музичка програма, врвна улична храна и бројни забавни предизвици. Веруваме дека AERO Street Food Festival и годинава ќе понуди незаборавно урбано доживување за сите генерации“, изјави Владимир Темелковски, еден од организаторите на фестивалот.

Но програмата нема да биде ограничена само на музичката сцена. Секоја вечер посетителите ќе можат да учествуваат во натпревари во брзо јадење, квизови со прашања и одговори, како и во други фестивалски предизвици што ќе ги води Бомбакис.

Најхрабрите и највештите учесници ќе имаат можност да се натпреваруваат пред публика и да освојат интересни награди.

Фестивалот и втора година по ред ја има поддршката од Општина Аеродром, која уште од почетокот го препозна неговото значење за локалната заедница. Од годинава поддршка дава и Град Скопје, со цел дополнително збогатување на културната, забавната и гастрономската понуда во главниот град.

Со промоцијата на македонската музика, локалните гастрономски брендови и урбаната фестивалска култура, организаторите очекуваат AERO Street Food Festival постепено да прерасне во препознатлива септемвриска традиција во Скопје.

Од улична храна и музика во живо, до натпревари, дружење и специјални трибјути – од 4 до 8 септември паркот „Авионче“ ќе биде местото каде што Скопје ќе јаде, ќе пее и ќе се забавува заедно.

Финалето секогаш се игра во Аеродром!

Share
Scroll to Top