По 15 години на чело на Apple: Тим Кук се повлекува, Џон Тернус нов извршен директор

По 15 години на чело на Apple: Тим Кук се повлекува, Џон Тернус нов извршен директор

пред 2 часа

По речиси 15 години на чело на технолошкиот гигант Apple, извршниот директор Тим Кук најави повлекување од функцијата, со што завршува една од најуспешните ери во историјата на компанијата.

Според официјалните информации, Кук ќе се повлече од позицијата извршен директор на 1 септември 2026 година, а на негово место ќе дојде Џон Тернус, досегашен шеф на хардверското инженерство во компанијата. Кук нема целосно да ја напушти Apple – ќе остане како извршен претседател и ќе биде вклучен во стратешки и глобални политики.

Кук ја презеде функцијата во 2011 година по смртта на основачот Стив Џобс и во текот на неговото раководење Apple доживеа огромен раст. Пазарната вредност на компанијата порасна од околу 350 милијарди долари на повеќе од 4 трилиони долари, додека годишните профити надминаа 100 милијарди долари.

Во неговиот мандат беа лансирани и некои од најуспешните производи и сервиси на Apple, меѓу кои Apple Watch, AirPods, Apple Music и Apple TV+, со што компанијата дополнително ја зацврсти својата глобална позиција.

Неговиот наследник Џон Тернус важи за долгогодишен кадар на Apple, со повеќе од две децении искуство во компанијата, каде учествувал во развојот на клучните уреди како iPhone, iPad и Mac.

Промената на врвот доаѓа во период кога Apple се соочува со нови предизвици, особено во трката со вештачката интелигенција, каде што инвеститорите бараат појасна стратегија и побрз развој.

И покрај тоа, заминувањето на Кук се оценува како дел од долгорочно планирана транзиција, а не како резултат на криза. Тој зад себе остава компанија со рекордни финансиски резултати и стабилна глобална позиција, но и предизвик за новото раководство да ја одржи доминацијата во ерата на новите технологии.

Share
Scroll to Top