По 21 година, македонски филм во официјална конкуренција на фестивалот во Венеција

По 21 година, македонски филм во официјална конкуренција на фестивалот во Венеција

пред 3 години

По 21 година, Македонија повторно ќе учествува во селекција на Интернационалниот филмски фестивал во Венеција, со долгометражниот игран филм „Вера сонува за морето“.

Филмот ја следи приказната на Вера, преведувач на знаковен јазик, која по самоубиството на нејзиниот сопруг, реномираниот судија Фатмир Гаши, се наоѓа во ситуација самата да преговара за иднината на ќерка ѝ и на внука ѝ со традицијата и државата, во момент кога сите ги презираат жените како нив.

Нејзината улога ја толкува актерката Теута Ајдини-Јегени, првенка на Албанскиот театар во Скопје. Во другите улоги се јавуваат и актерите Рефет Абази, Алкета Силај, Астрит Кабаши и др. Филмот е во режија на Калтрина Красниќи, сценариото е на Дорутина Баша, а кинематографер е Севдије Кастрати.

„Вера сонува за морето“ е копродукција помеѓу „Дрим фектори“ од Македонија (копродуценти: Огнен Антов, Стојан Вујичиќ), „Истра креатив фектори“ од Косово (продуцент: Шкумбрин Истрефи) и „Пападимитри филм“ од Албанија (копродуцент: Дионис Пападимитри).

Официјално дел од Венециското биенале, Интернационалниот филмски фестивал во Венеција, Mostra Internazionale d’Arte Cinematografica di Venezia, важи за најстариот и најпрестижен филмски фестивал од А-категорија, кој се одржува секоја година во Венеција во населбата Лидо. Ќе трае од 1 до 11 септември.

Највисоката награда, која може да ја добие некој од учесниците, е „Златен лав“.

Share
Scroll to Top