Турската влада ја одби помошта од Илон Маск да им испрати сателити од компанијата „Старлинк“, со кои ќе им се овозможи на луѓето поширок појас на интернет услуги. Сопственикот на „Твитер“ се понуди да помогне по силниот земјотрес кој ја погоди земјата.
На „Твитер“ рече дека една од неговите компании Space Exploration Tehnologies, може да обезбеди „Старлинк“ мрежа, веднаш откако ќе добие одобрение од турската влада.
Анонимен висок турски официјален претставеник се заблагодари на Маск и рече дека Турција има доволно капацитети и сателити да се справи со кризата. Земјата има базни станици кои работат на батерии, иако во некои области не може да се обезбеди струја, пренесе „Блумберг“.
За потсетување, најмалку 500 луѓе загинаа во разорниот земјотрес кој утрово ја погоди Турција. Во несреќата се срушени повеќе од 200 згради, а спасувачите и понатаму бараат преживеани.