Полицијата го уапси Матијас Погба, помладиот брат на фудбалерот на Јувентус Пол Погба. Медиумите пренесоа дека завршил во затвор затоа што го уценувал брат му и му се заканувал дека ќе ги издаде сите негови тајни во јавност. Му барал милионски суми.
Од полицијата велат дека истрагата е во тек и дека Матијас го уапсиле откако Пол одбил да му плати. Претходно во јавност излегоа информации дека Пол платил вуду-гатачка за да му фрли магија на неговиот тимски колега од француската репрезентација Килијан М’бапе за да се повреди.
Ова предизвика хаос во Франција, па дури и напаѓачот на ПСЖ, М’бапе јавно побара објаснување. Покрај Матијас, полицијата уапси уште три лица кои се сомничат дека го уценувале фудбалерот на Јувентус и кои се обиделе да изнудат пари од него.
„Матијас Погба е приведен и полицијата го испрашува за уцени и закани. Прелиминарната истрага е во тек, а се споменуваат и обвиненијата за уцена, киднапирање, криминален заговор, како и соработка со банда“, пренесе британски „Гардијан“.
Британските медиуми пренесоа дека Погба платил 100.000 евра за информациите да не излезат во јавност, но ѝ одбил да плати повеќемилионска сума кога Матијас продолжил да го уценува.
И неговиот соиграч во Јувентус Душан Влаховиќ во една пригода изјави дека Погба платил вуду гатачка, но дека ја платил само за да се заштити од повреди. Пред да дојде во Јувентус, Погба се повреди и би можел и да го пропушти и Светското во Катар, па оттука малкумина веруваат во тоа.