Македонската јавност остана без едно од најпрепознатливите новинарски имиња од областа на правосудството – почина новинарката Гордана Дувњак, која со децении беше хроничар на судските процеси и клучните случувања во македонскиот правосуден систем.
Дувњак важеше за искусен и посветен новинар, која својата кариера ја започнала уште во 1988 година во Македонската радио-телевизија, по што продолжила во весникот „Нова Македонија“, а подоцна долги години работела во „Утрински весник“, каде се етаблирала како еден од најдобрите познавачи на правосудните теми.
Во текот на својата професионална кариера, таа работеше и во повеќе медиуми, меѓу кои и Макфакс, 1ТВ и неделникот „Фокус“, оставајќи зад себе бројни анализи, истражувачки текстови и извештаи кои ја обликуваа јавната перцепција за судството и правдата во земјата.
Покрај новинарството, Дувњак беше активно вклучена и во институционалната комуникација, при што во 2023 година беше ангажирана како портпарол на Судскиот совет, со задача да ја унапреди транспарентноста во оваа клучна институција.
Нејзината работа беше препознатлива по аналитички пристап, критичко размислување и континуирано следење на судските процеси, поради што важеше за еден од најрелевантните гласови кога станува збор за правосудството во Македонија.
Со нејзиното заминување, македонското новинарство губи искусен професионалец, а јавноста – хроничар кој со години ги бележеше најважните правосудни случаи и процеси во државата.






