Почина кралицата Елизабета која беше на тронот на Британија 70 години

Почина кралицата Елизабета која беше на тронот на Британија 70 години

пред 2 години

На 96 години почина кралицата Елизабета втора, која владееше 70 години, соопшти Бакингемската палтата. Лекарите утрово открија дека нејзиното здравје е нарушено, а семејството се собра на имотот во Шкотска каде што таа ги помина последните денови од животот.

Во соопштението, Бакингемската палата напиша: „Кралицата почина мирно во Балморал попладнево. Кралот и кралицата ќе останат во Балморал оваа вечер и утре ќе се вратат во Лондон“.

Кралицата дојде на тронот во 1952 година и беше сведок на огромни општествени промени. По нејзината смрт, нејзиниот најстар син Чарлс, поранешниот принц од Велс, ќе ја води земјата.

Сите деца на кралицата денеска отпатуваа во Балморал, откако лекарите ја ставиле кралицата под медицински надзор. Таму е и нејзиниот внук, принцот Вилијам, на пат со неговиот брат, принцот Хари.

Кралицата во текот на своето владеење се соочуваше и со повоеното штедење, транзицијата од империја во Комонвелт, крајот на Студената војна и влегувањето – и повлекувањето на Обединетото Кралство од – Европската Унија. Во текот на нејзиното владеење се сменија 15 премиери, почнувајќи од Винстон Черчил, до Лиз Трус која ја наименува годинава.

Кралицата е родена како Елизабета Александра Мери Виндзор, во Мејфер, Лондон, на 21 април 1926 година.

Share
Scroll to Top