Во Дојран почнува најголемиот летен фестивал во земјава, Д Фестивал. По тринаесетти пат љубителите на добрата алтренативна музика ќе се журкаат на дојранското крајбрежје.
„Првите посетители на фестивалот веќе пристигнуваат и го исполнуваат дојранското крајбрежје, а уште денеска, ден пред официјалниот почеток се поставуваат и првите шатори во Д кампот кој ќе биде домаќин на илјадници најпозитивни фестивалски луѓе здружени преку музиката и славењето на уметностите, мирот, слободата и заедништвото. Повеќе од 300 учесници во музичката и дополнителната програма, како и најголемиот интерес за влезниците навестуваат дека пред нас е најдоброто издание на Д Фестивал досега чија тридневна програма без престан ќе се одржува до 2 јули“, информираат организаторите, Пасворд продукција.
Во рамки на редовната музичка програмата Д Фестивал ќе биде домаќин на повеќе од 50 светски, регионални и домашни изведувачи кои ќе настапат на пет фестивалски бини и кои ја гарантираат совршената фестивалска атмосфера овој викенд во Дојран.
Официјалното отварање е закажано на 30 јуни во петок и го предводат светските легенди на треш-метал музиката „Креатор“ од Германија, шпанската псај-техно хероина Индира Паганото, британскиот драм енд бејс гигант Рони Сајз, како и врвните претставници на домашната сцена „Фолтин“, Галоски, Страјк, ЛД Пистолеро, диџеј Гоце и Ронин. Првиот фестивалски ден ќе ни ги претстави и концертите на „Фулу Мизики“, „Даикаиџу“, „КОИКОИ“, Ива Лоренс, Беседа, „Максимус Вандал“, „Алис ин Вондербенд“, „Ленхарт Тејпс“, „Хајпертек“, Дарко Степиќ, Ермилова и Настасја Киш.
На вториот ден на Д Фестивал, еуфоријата на публиката ќе ја одржува планетарниот хит-мејкер „Сигала“, домашниот музички гениј Кирил Џајковски, алтернативните „С.А.Р.С.“, фантастичниот стонер рок бенд „1000модс“ и техно принцезата „Ксениа“. Саботната треска на Д Фестивал доаѓа и со настапите на „Доуп Куќата“, Смоке Мардељано, Зарина Првасевда, „REYKO“, „Xarakiri“, Мартина Пенева, Coeus, Flooder, Visionary, Charley, E.U.E.R.P.I. и „АудиоЦигла“ во придружба на бенд.
За триумфално финале, последната вечер, 2 јули, ќе го испратиме годинешното издание на начин што најдобро му одговара – со забава до утринските часови заедно со Греми номинираното италијанско трио „МEDUZA“, дуото од златното доба на њујоршкиот хип-хоп „ONYX“, српската раперка Мими Мерцедез и со јубилејната прослава на домашните хардкор легенди „SMUT“. Енергичен поздрав на 13-тиот Д Фестивал ќе му приредат и „FUNK SHUI“, „Паркети“, Алина Паш, „Баклава“, „Peach Vice“, „С.А.М.“ „Димиш“, „Basement Cult“, „Red18“, Миа Перевска, „АудиоЦигла“, „Bon Praskiza“, „Matej Foltz“, „Princess Donatsu“,„Flexify“, „Bullz“, „Ogipsilon“, „Shorty P“ и „Irie Scratch“.