Денеска во фоајето на НОБ се одржа комеморацијата за композиторот и диригент, маестро Александар Џамбазов. Започна со едноминутна музика, место едноминутно молчење со кое обично започнуваат класичните комеморации.
Етномузикологот и музички новинар Бранка Костиќ-Марковиќ, ги водеше присутните низ животот и делото на легендарниот маестро Џамбазов. Таа ја нарече комеморацијата промоција на делото на Џамбазов.
„Првпат настапив на „Златно славејче“ во 1984 година, а потоа, следната година пеев како солист и долги години бев дел од хорот со кој диригираше чичко маестро Џамбаз. Ме викаше неговото златно гавранче“, рече таа, која му беше пријателка и близок соработник.
Неговиот син, шоуменот и актер Игор Џамбазов, им се заблагодари на сите што дојдоа да оддадат почит на неговиот татко.
„Целата љубов што вие ја чувствувате за вашиот омилен, чичко Ацо, маестро Џамбаз, ние ќе ја продолжиме да ја чуваме. Цел живот живееше во сенка, но беше најголемиот генијалец во нашето семејство. „Прво бев маж на Анче, па зет на Петре Прличко, па татко на Тања и на Игор. А што сум јас? Ти си маестро, маестро мој“, рече Игор,
Покрај Игор и Тања, на комеморацијата беа и претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски. Дојде и градноначалничката на Скопје Данела Арсовска како и поранешниот министер за култура Роберт Алаѓозевски. Тука беше и Славе Димитров , Благоја Чоревски со сопругата.
Свој збор за време на комемрацијата, зедоа и композиторите Јане Коџабашија и Стојан Стојков.
„Бевме пријатели долги години, разговорите по телефон секогаш ни траеа по два часа, и секогаш ми кажуваше нешто во доверба. Се грижеше за состојбата на и за творештвото на македонските автори. “, рече Стојков.
Последедна зборуваше претседателката на ЗАМП, Антоанета Токовска-Котевска, која со насолзени очи раскажа за своето време со маестро Џамбазов.
„Господин не се правиш, господин се раѓаш. Му благодарам што ме донесе на сцената и што и ми го одреди музичкиот пат. Ме воведе на сцената како славејче, но засекогаш ќе останам неговото златно гавранче“, рече таа, која ја испеала познатата детска песничка „Едно маче“.
Присутните можеа да ги напишат последните зборови кон маестро Џамбазов во отворената книга на жалост, а меѓу нив беа и актерката Весна Бејби Петрушевска, пејачите Александар Тарабунов и Пере од Нокаут, режисерот Гоце Трајковски и многу други познати личности.
Маестро Џамбазов ненадејно почина на 25. јануари. Беше погребан денеска во 12.00 часот во градските гробишта во Бутел.
Џамбазов ќе биде запомнет по неколку стотини композиции и аражнмани и со 1450 студиски снимки со голем број ансамбли, секако најмногу со оние во рамките на Македонската радио телевизија. Во текот на животот доби голем број стучни, домашни и меѓународни награди и општествени признанија, меѓу кои 11 октомвриската награда, наградата „13 ноември“, наградата за животно дело „Трајко Прокопиев“ на Сојузот на композиторите на Македонија.
Текст и фото: Марија Прчикова