Премиера во Африка и Португалија за „Јон Вардар“

Премиера во Африка и Португалија за „Јон Вардар“

пред 11 часа

Македонскиот анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ неделава ќе ја има својата афричка и португалска премиера на два значајни меѓународни фестивали.

Првата проекција ќе се одржи на Zuma International Film Festival во Абуџа, главниот град на Нигерија, што ќе биде воедно и афричка премиера на филмот. Фестивалот е организиран од Нигериската филмска корпорација, а ова 15. издание се одржува под мотото: „Раскажувањето приказни и глобалното влијание: Филмот како моќно средство за економски развој“. Тематскиот фокус ја нагласува стратешката улога на кинематографијата во обликување на перцепциите, влијание врз глобалните општествени разговори и поттикнување културна размена.

„Јон Вардар против галаксијата“ пристигнува и на Азорските острови — филмот ќе се најде во изборот на 9. AnimaPIX во Португалија, каде што официјално ќе ја одбележи својата португалска премиера.

Анимапикс има репутација на фестивал кој го слави „детето во секој од нас“, со фокус на креативност, визуелна уметност и експериментални форми. Освен проекции, на фестивалот се одржуваат изложби и промоции на илустрирани книги, стрипови и други форми на визуелната уметност.

„Јон Вардар против галаксијата“ е прв долгометражен македонски анимиран филм. Досега беше прикажан на над 40 меѓународни фестивали и освои 5 награди. Сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.

Share
Scroll to Top