Премиерката Џесинда Ардерн ја откажа свадбата откако воведе нови коронамерки во Нов Зеланд

Премиерката Џесинда Ардерн ја откажа свадбата откако воведе нови коронамерки во Нов Зеланд

пред 2 години

Премиерката на Нов Зеланд, Џесинда Ардерн, вовде нови коронамерки во земјата поради ширењето на омикрон, па мораше да откаже венчавката со својот долгогодишен партнер Кларк Гејфорд, што требаше да се одржи во наредните недели. Таа ја потврди веста.

„Јас не сум ништо поразлична од илјадници Новозеланѓани кои почувствуваа и поуништувачки последици на пандемијата, особено оние кои не можат да бидат со своите најблиски кога се тешко болни. Тоа надминува која било тага што јас ја имам искусено“, изјави Ардерн.

Новите рестрикции подразбираат носење маска во продавници и јавен превоз и ограничување на собирите на 100 вакцинирани луѓе. Тие стапија на сила на полноќ по локално време и следуваат откако беше потврден кластер со девет случаи на омикрон. Се очекува високо ниво на локално пренесување на вирусот и 1.000 нови случаи на зараза на ден, што досега не е регистрирано во земјата.

Од почетокот на пандемијата, во Нов Зеланд има строги рестрикции. Земјата успеа бројот на починати да го задржи на минимум. Околу 94% од населението над 12 години е целосно вакцинирано, а 56% од нив имаат примено и трета доза.

Share
Scroll to Top