Принцот Хари го заврши еднонеделниот престој во Велика Британија со необична и забавна авантура – учество на јога со кози, при што една од животните го погоди токму во најнезгодниот дел од телото.
Војводата од Сасекс во саботата присуствуваше на фестивалот на организацијата „Scotty’s Little Soldiers“ во Ворвикшир, околу 130 километри северозападно од Лондон. Настанот е посветен на децата кои изгубиле родител за време на воена служба.
За време на таканаречената „козја јога“, 41-годишниот Хари легна на простирка на тревата, додека околу него се движеа шест возрасни кози и нивните младенчиња.
Во еден момент, една од козите скокна врз него и го нагази во пределот на препоните. Хари веднаш се насмеа, а потоа со рацете го заштити интимниот дел од телото, предизвикувајќи смеа кај присутните.

И покрај незгодниот момент, авторот на мемоарите „Spare“ ја продолжи активноста и расположен учествуваше во целата програма.
Според „Телеграф“, инструкторот ги охрабрувал учесниците да ја „почувствуваат козата во себе“ и да ја „отелотворат рамнотежата на козите“.
Хари подоцна ги хранел и галел животните заедно со околу 200 деца и членови на нивните семејства.
„Дали се чувствувате поврзано? Треба ли да ви скокаат на грб?“, ги прашал децата, а подоцна низ шега додал: „Дали сè уште ги сакате козите или сега имате фобија од кози?“

Забавата не завршила со јогата. Принцот учествувал и во борба со водени балони на надувувачки полигон со пречки.
Во еден момент бил погоден со воден балон директно во лицето. Свртувајќи се кон момчето кое го погодило, Хари низ шега му рекол: „Како се викаш? Ќе те запомнам“.
Ова беше последното јавно појавување на принцот Хари пред завршувањето на неговата еднонеделна посета на Велика Британија. Тој пристигна во Лондон во понеделникот во рамките на активностите поврзани со промоцијата на „Invictus Games“ во 2027 година, кои треба да се одржат во Бирмингем.
Хари првично пристигна сам, без сопругата Меган Маркл и нивните деца, принцот Арчи (7) и принцезата Лилибет (5), по спорот околу обезбедувањето финансирано од британските даночни обврзници.
Сепак, според информациите објавени во британските и американските медиуми, во текот на посетата било пронајдено решение семејството безбедно да пристигне во Лондон.
Бакингемската палата потврдила дека Хари и Меган, заедно со децата, имале приватна семејна средба со кралот Чарлс Трети и кралицата во Хајгроув Хаус во петокот.
Средбата привлекла големо внимание бидејќи, според објавените информации, 77-годишниот крал повеќе од четири години не ги видел своите внуци. Последната нивна средба била за време на прославата на платинестиот јубилеј на кралицата Елизабета Втора во 2022 година.
Фотографии од приватната семејна средба нема да бидат објавени.






