Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, денеска оствари средба со ученици од основните училишта „Рампо Левката“, „Климент Охридски“ и „Гоце Делчев“, кои беа гости во просториите на Општината.
На средбата се разговарало за функционирањето на локалната самоуправа, улогата на институциите и значењето на активното учество на младите во развојот на заедницата.
Проданоски истакнал дека особено го радува кога во Општината се слуша детска смеа, љубопитност и искрени прашања, нагласувајќи дека учениците покажале голем интерес за работата на локалната власт.

„Со голем интерес дечињата поставуваа прашања, споделуваа свои размислувања и покажаа дека уште од најмали години знаат колку е важно да се сака и почитува својот град“, порача Проданоски.
Тој додаде дека токму во енергијата, љубопитноста и желбата на младите за подобра иднина ја гледа најголемата надеж за Прилеп.
„Верувам дека ќе успееме, затоа што растат генерации кои го сакаат својот град со цело срце“, истакна градоначалникот.
Проданоски порача дека Општина Прилеп ќе продолжи да работи на создавање услови и можности за младите, со цел градот да се развива по нивна мерка.






