Проданоски по повод 82 години од ослободувањето на Прилеп: Да создадеме град во кој младите ќе ја гледаат својата иднина

Проданоски по повод 82 години од ослободувањето на Прилеп: Да создадеме град во кој младите ќе ја гледаат својата иднина

пред 5 часа

Прилеп денеска одбележува 82 години од ослободувањето – значаен датум во историјата на градот, кој потсетува на храброста, пожртвуваноста и борбата за слобода. По повод 3 Ноември, градоначалникот Дејан Проданоски упати честитка до сограѓаните, нагласувајќи дека најголемата почит кон минатото се покажува преку одговорноста за иднината.

Во своето обраќање, Проданоски им оддаде почит на генерациите што се избориле за слободата на Прилеп, потсетувајќи на големиот придонес на прилепчани во Народноослободителната борба.

Повеќе од 8.000 жители на Прилеп учествувале во антифашистичката борба, 650 ги положиле своите животи, а 15 прилепчани биле прогласени за народни херои.

„Зад овие бројки стојат човечки судбини, семејства и неизмерна љубов кон слободата и татковината. Нивната храброст и саможртва се дел од темелите врз кои почива нашиот град и наследство што имаме должност да го чуваме“, истакна Проданоски.

Почит кон минатото, одговорност кон иднината

Градоначалникот порача дека 82-годишнината од ослободувањето не е само повод за сеќавање на историските настани, туку и можност да се размислува за иднината на градот и за условите во кои ќе живеат следните генерации.

Според него, заедничката цел треба да биде Прилеп да се развива во град што нуди перспективи, можности за работа и квалитетен живот, особено за младите.

„Да градиме град во кој младите ќе гледаат перспектива, во кој трудот ќе се вреднува и во кој секој сограѓанин ќе има причина да биде горд на своето родно место“, порача Проданоски.

Неговата порака е дека наследството на борците за слобода обврзува на посветеност, заедништво и конкретни заложби за подобра иднина на Прилеп.

Изложби и свечено доделување на наградите „3 Ноември“

Одбележувањето на празникот продолжува вечерва со културна и свечена програма во НУ Центар за култура „Марко Цепенков“.

Во 18:00 часот, во Ликовната галерија, ќе биде отворена изложбата од меѓународната ликовна колонија „Марко Цепенков – Дрен 2026“. Посетителите ќе имаат можност да се запознаат со процесот на создавање монументални метални скулптури, предвидени за поставување на јавни простори во градот.

Половина час подоцна, во 18:30 часот, во фоајето на Центарот за култура, ќе биде отворена документарната изложба „Прилеп по 1945 – Години на промени и развој“, подготвена од Државниот архив – Одделение Прилеп. Преку архивски документи и фотографии ќе биде претставен дел од историскиот развој на градот во повоениот период.

Централниот свечен настан е закажан за 19:00 часот, кога ќе се одржи традиционалното доделување на наградите „3 Ноември“.

Со овие признанија се оддава почит на поединци и институции кои со својата работа, постигнувања и придонес оставиле значаен белег во развојот и афирмацијата на Прилеп.

Со чествувањето на 3 Ноември, Прилеп уште еднаш се потсетува на своето историско наследство, но и на обврската вредностите на слободата, солидарноста и заедништвото да останат темел за неговиот иден развој.

Share
Scroll to Top