Прилеп е домаќин на меѓународна конференција посветена на унапредувањето на здравствените и социјалните услуги, на која претставници од пет држави разменуваат искуства, добри практики и предлози за подобрување на грижата за граѓаните на локално ниво. Настанот претставува можност за зајакнување на регионалната соработка и развивање нови пристапи во обезбедувањето поквалитетни и подостапни услуги за населението.
Меѓународната конференција под наслов „Health and Social Services – Challenges and Opportunities“ („Здравствени и социјални услуги – предизвици и можности“) ја организира Здружението „Центар за развој и едукација“ од Прилеп, во рамките на проектот ТРАНСАКТ.
На конференцијата учествуваат претставници од Австрија, Србија, Албанија, Црна Гора и Македонија, кои преку панел-дискусии ги разгледуваат актуелните предизвици во здравствената и социјалната заштита, законските и институционалните решенија, како и улогата на локалните самоуправи во обезбедувањето услуги приспособени на потребите на граѓаните.
Посебно внимание се посветува на можностите за подобрување на достапноста и квалитетот на услугите, размената на успешни модели од различни држави и воспоставувањето поефикасна соработка меѓу институциите и граѓанските организации.
Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, ги поздрави учесниците и ја нагласи важноста од меѓународната размена на знаења и искуства, особено во областите што директно влијаат врз квалитетот на животот на граѓаните.
Тој посочи дека Општина Прилеп, во соработка со надлежните институции и граѓанските организации, континуирано работи на проширување и унапредување на услугите за помош и нега во домот, со цел поголема поддршка за лицата на кои им е потребна секојдневна грижа.
Како значајни приоритети ги издвои и подобрувањето на условите за повозрасните граѓани, поттикнувањето на активното стареење и зајакнувањето на социјалната инклузија на ранливите категории население.
„Верувам дека споделувањето на искуствата и добрите практики од другите држави може да ни помогне да ги надградиме постојните решенија и да отвориме нови можности за соработка“, истакна Проданоски.
Според него, ваквите меѓународни средби се значајни бидејќи овозможуваат локалните самоуправи да се запознаат со различни модели на организација и обезбедување здравствени и социјални услуги, кои можат да послужат како основа за понатамошно унапредување на локалните политики.
Во рамките на конференцијата, градоначалникот Проданоски оствари средба и со дел од странските гости, меѓу кои претставници на локални самоуправи и институции од земјите учеснички.
Средбата беше можност за непосредна размена на искуства и разговори за идни форми на соработка во областа на здравствената и социјалната заштита.
Со организирањето на оваа меѓународна конференција, Прилеп станува место за дијалог и размена на практични решенија за предизвиците со кои се соочуваат локалните заедници, со заедничка цел – создавање поефикасен, подостапен и поинклузивен систем на здравствени и социјални услуги.






