Проданоски: Прилеп со регионално признание за циркуларна економија: Речиси половина од граѓаните селектираат отпад

Проданоски: Прилеп со регионално признание за циркуларна економија: Речиси половина од граѓаните селектираат отпад

пред 5 часа

Општина Прилеп го доби признанието „Municipal Circular Leadership Award 2026“ за општинско лидерство во циркуларната економија, соопшти градоначалникот Дејан Проданоски. Според неговата објава, меѓународното жири го избрало Прилеп за најуспешен во оваа категорија на ниво на Западен Балкан, во конкуренција од вкупно 63 апликации.

Наградата била доделена на настан во Приштина, а Проданоски ја оцени како признание за досегашните вложувања во управувањето со отпадот и заштитата на животната средина.

Тој наведе дека 49 проценти од граѓаните веќе селектираат отпад од пакување во своите домови, истакнувајќи ја нивната улога во подобрувањето на состојбите во градот.

„Тоа се илјадници домаќинства, илјадници лични одлуки и еден град што чекори кон почиста и поодржлива иднина“, порача Проданоски.

Градоначалникот најави продолжување на работата на современа инфраструктура за секундарна селекција на отпад, со предвиден капацитет до 10 тони на час. Паралелно се развива системот за собирање и раздвојување различни категории отпад, а се подготвуваат и решенија за компостирање и третман на градежниот шут.

Меѓу активностите ги издвои и рекултивацијата на постојната депонија и намалувањето на количините отпад што завршуваат на депонирање.

„Продолжуваме да ја развиваме циркуларната економија, затоа што отпадот не мора да биде крај на еден процес, туку почеток на нова вредност“, истакна тој.

Според Проданоски, признанието е и мотив и обврска за дополнителни резултати. Тој упати благодарност до меѓународното жири и организаторите на „Circular Economy Awards“, Министерството за животна средина и просторно планирање, „SALAR International“, ЈКП „Комуналец“, партнерите и граѓаните на Прилеп.

Share
Scroll to Top