Проданоски со честитка за Илинден: Да ја чуваме и развиваме Македонија со единство, одговорност и посветеност

Проданоски со честитка за Илинден: Да ја чуваме и развиваме Македонија со единство, одговорност и посветеност

пред 5 часа

По повод 2 Август – Илинден, Денот на Републиката и големиот христијански празник Свети Илија, градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, упати честитка до граѓаните, посакувајќи им добро здравје, мир, благосостојба и просперитет.

Во својата порака, Проданоски истакна дека Илинден претставува најсветлиот симбол на македонската борба за слобода, правда и државност, нагласувајќи дека овој празник ги обединува двата клучни историски темели на државата – Илинденското востание од 1903 година и Првото заседание на АСНОМ во 1944 година.

Тој потсети дека годинава се одбележуваат 123 години од Илинденското востание и 82 години од Првото заседание на АСНОМ – два настани кои, како што посочи, трајно го трасирале патот на македонската државност.

„Храброста, пожртвуваноста и непоколебливата верба на илинденците и на борците од Народноослободителната борба се аманет што нè обврзува да ја чуваме, развиваме и зајакнуваме нашата татковина. Тоа наследство треба достоинствено да го продолжиме со единство, одговорност, чесна работа и искрена грижа за иднината на Македонија“, истакна Проданоски.

Во честитката тој нагласи дека денес обврска на сите е да се гради силна, развиена и просперитетна Република Македонија, со стабилни институции, општини во кои младите ќе ја препознаваат својата иднина и услови што ќе овозможат подобар и поквалитетен живот за сите граѓани.

Проданоски порача дека илинденскиот дух треба да биде водилка и инспирација за единство, солидарност и заедничко надминување на сите предизвици, со цел создавање иднина со која ќе се гордеат идните генерации.

„Нека илинденскиот дух нè обединува, охрабрува и нè потсетува дека само сплотени можеме да ги надминеме сите предизвици и да изградиме подобра иднина за Македонија. Нека е вечна Република Македонија“, се наведува во честитката на Дејан Проданоски.

Share
Scroll to Top