Промоција на книгите за деца од Иван Антоновски во Штип

Промоција на книгите за деца од Иван Антоновски во Штип

пред 2 часа

Светскиот ден на детето, 20 ноември, во Штип ќе се одбележи со промоција на книгите за деца од истакнатиот македонски автор Иван Антоновски – „Градина полна латици“ и „Бакнежи на небото“, и двете изданија на „Светулка“.

Во организација на Центарот за култура „Ацо Шопов“, промоцијата ќе се одржи во Спомен собата на Ацо Шопов, со почеток во 12 часот.

Промоторка на книгите ќе биде Ана Јовковска, а штипската читателска публика ќе има можност и да поразговара со Антоновски, којшто е и добитник на наградата „Ванчо Николески“ на Друштвото на писателите на Македонија, за најдобра книга за деца и млади во 2024 година, како и со илустраторката на книгите, Иванка НиБа.

„Градина полна латици“ е по многу нешта храбра и уникатна книга што привлече вонсериски интерес на јавноста – книга за сите генерации.

– Иван Антоновски создал бисер на книжевноста за деца: и за оние деца со малку години, и за оние деца со многу години, и за оние деца пред пензија. Го поставил единственото важно прашање за книжевноста: прашањето за одминувањето на единката и траењето на родот. Направил фантастична парабола со универзални пораки: нему му успеало истото она што и на Егзипери во „Малиот принц“, оценува Венко Андоновски.

Според него, да се објасни на дете дека свенувањето на цвеќињата е доброволна одлука на „старите“ цвеќиња за да им отстапат место на младите и на оние уште неродените е навистина благородна, човекољубива и утешна филозофија.

– Параболата за „исчезнувањето“ на едни и доаѓањето на други цвеќиња, приказната за сменувањето на генерациите е дадена толку дискретно, што во еден миг помислуваме: навистина, колку семки чекаат да изртат, а не можат, само затоа што посакуваната вечност на претходните не им дозволува раѓање на оние кои доаѓаат? Антоновски се зафатил со најсуровото прашање – ако сите сакаме да бидеме бесмртни, зар вечноста (и да е можна) не е сама по себе проклетство, зашто на „вечните цвеќиња“ им станува здодевно, и тие веќе не се радуваат на ништо, зашто виделе сè. На оние кои секоја пролет доаѓаат како новородени, напротив, сè им е ново, и тие ја чувствуваат радоста на љубопитството и сознавањето, истакнува Андоновски.

Како што нагласува Билјана С. Црвенковска, „Градина полна латици“ е една од оние храбри книги кои внесуваат свеж ветар во македонската книжевност за деца, избирајќи да се обраќа на еден порафиниран читател (односно читателски пар родител – дете) кој трага по повеќе, пред сѐ – по одговорите на оние непресушни, вечни прашања.

– Храброста на ова дело не е само во изборот на темата (темите) и во неговото пливање во обратен правец од „мејнстримот“ кој промовира хумористични или авантуристички приказни, духовити стихови и игриви рими или, во некои поретки случаи, повеќе се обраќа на возрасните читатели одошто децата. Храброста и уникатноста на делото е во целиот негов „склоп“, во совршената комбинација на приказната на Антоновски за природниот тек на нештата и за неизбежноста новите цвеќиња да ги заменат старите и илустрациите на Иванка НиБа, кои се приказна сама за себе. Иако потсетуваат на старите мајстори кои дадоа свој печат и на првата македонска литература за деца (прв на памет ми паѓа Кондовски), илустрациите на НиБа се модерни, свежи, впечатливи и да, неверојатно храбри – за нашето поднебје, но и во светски рамки, подвлекува Црвенковска во својот осврт.

За книгата „Бакнежи на небото“ пак, со којашто Антоновски и дебитираше како автор за деца, од Друштвото на писателите на Македонија му беше доделена наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади во 2024 година. Само за три недели, книгата доживеа две изднија што е реткост во Македонија.

– …нежна и топла приказна која, при првото читање, во нејзиниот основен слој, е приказна за настанувањето на зимата и за малите, секојдневни „игри“ меѓу децата… …Атмосферата на почетокот наликува на бајките што се неизоставен дел од сечие детство („Снежната кралица“), навестувајќи дека магијата набргу ќе почне. Топлите и богати илустрации (кои малку потсетуваат на оние на Кондовски) ја доловуваат бајковитата атмосфера со носталгичен призвук на дамнешните, безгрижни детства. Но, тука Антоновски, суптилно и обмислено, со внимателно избрани зборови, ја прави вистинската магија во оваа книга (иако во формат на сликовница – текстот е доволно обемен и исполнет за таа да се нарече „долг илустриран расказ“). Со внимателно читање, почнуваме полека да ги откриваме подлабоките слоеви во приказната – која од бајка прераснува во модерна приказна за љубовта меѓу сестричето Илина и братчето Јаков (ретка и недоволно обработувана тема: сестричката е онаа што раскажува и се грижи братчето да заспие, иако најчесто таа улога припаѓа на родителот). Читателот може лесно да се идентификува – во модерното, брзо и стресно време во кое живееме, родителите често ја префрлаат оваа улога на постарото дете во семејството. „Сѐ убаво што постои на светов, е создадено од љубов“ – е мотото на авторот на крајот на книгата. Љубов помеѓу сестричето и братчето, љубов која, како и онаа на облаците на небото кои се бакнуваат за да го создадат снегот, трае засекогаш (или барем, додека постоиме ние)… Антоновски, во овој жанр ја изградил важната слоевитост која истовремено се обраќа и кон читателите-деца и кон читателите-родители. Тој дава автентичен, авторски и творечки, индивидуален пристап во неговиот приод кон експонирањето на содржината. Делото интонативно се потпира врз бројни илустрации кои остваруваат забележителен исчекор во раскажувачкиот тек на делото и неговата поставка, со самото тоа придонесувајќи ова да биде целосно, заокружено дело од сите аспекти: текст, илустрации, дизајн, беше истакнато во образложението на комисијата за доделување на наградата.

Книгата „Бакнежи на небото“ предизвика низа одгласи на книжевната критика, од бардовите на современата македонска книевност за деца, универзитетските профсори до учесниците во неформалните книжевни форуми во Македонија.

Ова е прва промоција и на двете книги во Штип и воопшто надвор од Скопје.

Текстот Промоција на книгите за деца од Иван Антоновски во Штип е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top