Ќофтињата од тиквички се вкусно вегетаријанско предјадење кое однадвор е крцкаво, а внатре кремаво, а рецептот за нивна подготовка е брз и лесен.
Состојки за ќофтиња: 400 гр тиквички, 4 лажици рендан пармезан, 1 чешне лук, 100 гр леб (само средината), 50 мл млеко, 1 јајце, 2 супени лажици маслиново масло, прстофат или две сол, малку црн пипер.
Дополнително: 4-5 лажици презла, масло.
Подготовка на ќофтиња од тиквички: Тиквичките измијте ги, излупете ги и исечете ги на помали коцки. Загрејте ја тавата, додадете маслиново масло и на масло пропржете го издробениот лук. Додадете ги тиквичките и динстајте ги околу 10 минути. Средината на лебот натопете ја во млеко и исцедете ја. Јајцето измешајте го со ренданото сирење, додајте ја средината на лебот, маслиновото масло, солта, црниот пипер и тиквичките и убаво измешајте. Ако смесата е премногу мека и леплива, додадете неколку лажици презла. Обликувајте ги ќофтињата, виткајте ги во презла и ставете ги во фрижидер половина час да се изладат малку и да се стегнат. Извадете ги ќофтињата од фрижидер и пржете ги во длабока тава на добро загреано масло. Послужете како топло предјадење со вашиот омилен сос и сезонска салата.