Речиси 5.000 првачиња помалку од септември – демографскиот пад празни повеќе од 100 паралелки

Речиси 5.000 првачиња помалку од септември – демографскиот пад празни повеќе од 100 паралелки

пред 1 час

Македонија се соочува со сè посериозен демографски пад, кој е резултат на намалениот наталитет, забрзаното стареење на населението и континуираното иселување на цели семејства кои трајно ја напуштаат државата.

Последните податоци, според кои од 1 септември во училишните клупи ќе седнат речиси 5.000 првоодделенци помалку, дополнително го вклучија алармот кај демографите и стручната јавност.

Дури и ако во наредниот период има дополнителни уписи, недостигот од повеќе од 3.000 деца практично значи дека во образовниот систем ќе има повеќе од 100 просечни училишни паралелки помалку.

Последиците од ваквиот тренд, според експертите, не се ограничуваат само на основното образование, туку на подолг рок можат сериозно да се одразат врз пазарот на труд, економијата и одржливоста на пензискиот систем.

Демографот Дончо Герасимовски предупредува дека иселувањето на населението директно го намалува биолошкиот и репродуктивниот потенцијал на државата, бидејќи земјата најчесто ја напуштаат млади и работоспособни луѓе.

„Имаме одлив на население од нашата земја, а тоа е претежно младо и работоспособно население, што има силно влијание врз демографскиот развој на земјава, односно врз наталитетот. Во земјава останува старото население, а неговиот процент од година во година е сè поголем“, истакнува Герасимовски.

Тој посочува дека трендовите во последните две до три децении покажуваат континуирано намалување на наталитетот, паралелно со повисок морталитет.

Таквата демографска слика веќе директно се одразува и врз бројот на ученици во училиштата.

Според Герасимовски, потребна е итна, целосна и длабинска анализа на демографските и образовните состојби, бидејќи последиците од сегашните трендови ќе бидат сè повидливи во наредните години.

Помалиот број деца во основните училишта денес значи и значително помал број млади во средното и високото образование во иднина.

За околу една деценија тоа би можело да доведе до сериозно намалување на бројот на студенти на факултетите.

Паралелно, намалувањето на младото и работоспособно население ќе создава сè поголем недостиг од работна сила за компаниите.

Демографскиот пад може да предизвика и дополнителен притисок врз целокупната економија, а особено врз одржливоста на пензискиот систем, бидејќи ќе се намалува бројот на активно население кое преку придонеси го финансира системот.

Празните училишни клупи, оттука, не се само проблем на образованието, туку предупредување за многу поширок демографски и економски предизвик со кој Македонија ќе мора да се соочи во следните години.

Share
Scroll to Top