Роботите паѓаа, топката леташе – фудбалот со роботи во Кина изгледа како нова комедија

Роботите паѓаа, топката леташе – фудбалот со роботи во Кина изгледа како нова комедија

пред 7 часа

На теренот во Пекинг во саботата не настапија фудбалери од крв и месо, туку – роботи. Како што објави „Гардијан“, Кина беше домаќин на првиот целосно автономен натпревар во фудбал меѓу хуманоидни роботи управувани со вештачка интелигенција.

Четири универзитетски тимови ги програмираа и управуваа своите роботи со сопствени алгоритми. Иако хуманоидите сè уште се далеку од тоа да бидат конкуренција на играчи, напредокот е импресивен. Снимките од натпреварите покажуваат како роботите се мачат да ја погодат топката или да останат исправени, а неколкумина завршија дури и на носилка.

Извршниот директор на компанијата „Бустер Роботикс“, Ченг Хао, која ги обезбеди роботите, изјави дека спортските натпревари се идеална средина за тестирање на хуманоидна роботика. Најави и можни натпревари помеѓу луѓе и роботи во иднина, но нагласи дека најпрвин мора да се обезбеди целосна безбедност.

„Во иднина, можеби ќе организираме фудбалски натпревари меѓу луѓе и роботи. Тоа значи дека мора да обезбедиме роботите да бидат сосема безбедни“, изјави Ченг.

Професорот Субраманијан Рамамурти од Универзитетот во Единбург, експерт за роботско учење, рече дека роботите се слични на оние кои настапуваат на „Робокап“ и оти нивниот развој оди во нагорна линија.

Во финалето, екипата на Универзитетот Цингхуа – THU Robotics, го победи тимот на Кинескиот Земјоделски Универзитет – Mountain Sea, со резултат 5–3. Победата беше прославена со ентузијазам, но и со почит кон противниците.

„THU беа одлични, но и Mountain Sea тимот нè изненади со многу иновации“, изјави еден од поддржувачите.

Иако роботите се уште паѓаат, се чини дека иднината на фудбалот можеби навистина ќе вклучува и вештачка интелигенција – не само како поддршка, туку и како активни играчи на теренот.

Share
Scroll to Top