Родители, дедовци, баби: 2022 беше година на бебиња

Родители, дедовци, баби: 2022 беше година на бебиња

пред 2 години

Изминатата 2022 година ја одбележаа многу принови. Познатите станаа родители, дедовци, баби…

Александар Белов среде настап дозна дека му се роди ќерка

Пејачот Александар Белов и сопругата Јелена ја добија ќерката Мина. За раѓањето на бебето Александар дозна среде настап, додека пееше за дочекот на Стара нова година во ресторан во Крагуевац. „Не можам да си дојдам на себе од среќа. Пеев кога еден човек побара да му испеам песна за раѓањето на ќерката. И додека ја пеев песната, ми стигна порака дека Јелена се породила. Не знаев како да реагирам и само кажав пред гостите: ‘И мене само што ми се роди ќерка’, па почнаа да доаѓаат, да ми честитаат и луѓе што ги знам и што не ги знам“, рече тогаш Александар за „Репортер“.

Димитар Андоновски за вториот син избра библиско име

Пејачот Димитар Андоновски преку социјалните мрежи откри дека добил син, кој ќе се вика Гаврил. Димитар и сопругата Христина го имаат и синот Михаил.

Сара Мејс и Димитар Атанасовски вторпат станаа родители

Пејачката Сара Мејс и водителот Димитар Атанасовски втор пат станаа родители. По ќерката Илина, тие го добија синот, Кирил. Породувањето почнало во ресторан каде славеле роденден, кога на Сара ѝ пукнал водењакот, па Диме од кафеана ја носел во болница.

Симона Поповска вторпат роди син

Пејачката и дерматолог Симона Поповска вторпат стана мајка. Таа го роди Стефан, откако пред една година со нејзиниот сопруг, Кристијан Сињори, го добија синот Никола.

Џамбо Агушев четврти пат стана татко и присуствуваше на раѓањето на бебето 

Трубачот Џамбо Агушев четврти пат стана татко, а неговата сопруга Асена роди женско дете. Џамбо преку социјалните мрежи откри дека сопругата се породила, но и дека овој пат тој присуствувал на раѓањето на бебето. Ќерката го дони името Алина.

Сефер Цаноски петти пат стана татко и објави слика со ќерката Адила Дефне

Директорот на ФОН, Сефер Цаноски, петти пат стана татко. Неговата сопруга Сезан ја роди ќерката Адила Дефне, која е нивно трето заедничко дете. Познатиот бизнисмен веднаш објави слика од бебето и часот на породување.

Политичарите Саша Богдановиќ и Стефан Богоев добија синови

Поранешниот градоначалник на општина Центар, Саша Богдановиќ со сопругата Јелена го доби синот Лазар, а поранешниот градоначалник Стефан Богоев и неговата сопруга Ивана го добија синот Лука.

Ракометарите Филип Талески и Мартин Поповски добија ќерки

Ракометарот Филип Талески вторпат стана татко, а со сопругата Ена ја добија нивната втора ќерка. Тие се венчаа во 2019 година, а Филип за „Репортер“ раскажа дека се запознале во Германија и тоа била љубов на прв поглед. Двојката ја има и ќерката Софија. Македонскиот ракометар Мартин Поповски и неговата сопруга Стојна добија ќерка која ќе се вика Алесија. Стојна се породи во болница во Швајцарија, каде што двојката живее веќе неколку години

Јелена од „Фчерашни“ стана мајка

Водителката Јелена Богојевиќ, која беше дел од „Фчерашни вести“ и нејзиниот сопруг Срѓан првпат станаа родители и добија син.

Одбојкарот Љафтов стана татко, сопругата Ана се породи во Италија

Одбојкарот Александар Љафтов и неговата сопруга Ана добија син, а му го дадоа името Алексеј. Ана се породи во болница во Италија, во времето кога Александар играше за италијанскиот клуб „Равена“.

Поранешниот водител Гоце Андреевски ја доби ќерката Јована

Поранешниот водител и сегашен портпарол на МВР, Гоце Андреевски стана татко. Тој и неговата сопруга Даниела ја добија ќерката Јована. Гоце и Даниела ја чуваа бременоста во тајност, па јавноста се изненади кога некогашниот водител откри дека има бебе.

Таткови станаа и фудбалските репрезентативци Дарко Велковски и Александар Трајковски 

Фудбалскиот репрезентативец Дарко Велковски и неговата сопруга Тамара преку Инстаграм открија дека им се роди синот Ведран. Ова е прво бебе на парот кој се венча лани пред Нова година. Александар Трајковски и неговата сопруга Александра ја добија ќерката Искра. Тие го имаат и синот Матеј, кој има 5 години.

Синот на Војо Стојановски, фолк-пејачот Дамјан стана татко

Фолк-пејачот Дамјан Стојановски, син на починатиот пејач Војо Стојановски, вторпат стана татко. Тој и неговата сопруга Елена добија ќерка, а го имаат и двегодишниот син Војдан.

Бранко и Ѓорге станаа дедовци, внуците ги добија нивните имиња

Иван Иванов, синот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, стана татко. Тој и неговата сопруга Јана добија син кого го крстија Ѓорге. Иван и Јана се свршија лани во октомври, а неодамна и се венчаа.

И поранешниот претседател, премиер и лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски стана дедо. Неговиот син Љупчо доби син, кого го крсти Бранко. Тие правеа мекици во ресторан во Скопје, а на мекиците се шегувале: „Се роди нов Бранко Црвенковски“.

Тања Кочовска стана баба на Јоаким

Синот на актерката Тања Кочовска, Александар, стана татко, а бебето го доби името Јоаким. Тања тогаш објави фотки на социјалните мрежи и во нејзин стил напиша: „Да бе, да, бабаааа. Предраг дедо. Јоаким се роди“.

Дедо стана и Наум Петрески, ќерката Анастасија доби второ дете

Фолк-пејачката Анастасија Петреска, ќерката на Наум Петрески, роди машко дете. Веста за раѓањето на бебето ја изненади јавноста бидејќи ни Анастасија ни нејзиниот сопруг, пејачот Владимир Поповски, не открија дека чекаат бебе. Освен синот, тие ја имаат ќерката Андреа.

Share
Scroll to Top