Еден од најдобрите тенисери на сите времиња, Роџер Федерер, и ова лето избра добро позната дестинација за одмор на Јадранот. Легендарниот Швајцарец со години е редовен гостин на Мали Лошињ, остров кој, како што самиот открива, има посебно место меѓу неговите омилени летни дестинации.
Пензионираниот тениски ас е само една од бројните светски познати личности кои хрватското крајбрежје го избираат за летен одмор. Федерер особено ужива на Мали Лошињ, каде што престојува со семејството и пријателите, привлечен од мирот, природата, плажите и локалната гастрономска понуда.
Во краток разговор за магазинот „Elle“, Федерер открил дека на островот се враќа секогаш кога обврските му го дозволуваат тоа. Интересно е што човекот кој прв му го препорачал Мали Лошињ е неговиот поранешен тренер, хрватскиот тенисер Иван Љубичиќ.
И ова лето во познатата увала Чикат
Федерер и годинава престојува во познатата увала Чикат, каде што пристигнал со луксузна јахта заедно со сопругата Мирка и пријатели.
Една од вечерите ја поминале во „Matsunoki“, јапонски ресторан во хотелот „Bellevue“, кој има препорака од „Michelin“. Според информациите од хрватските медиуми, Федерер бил одлично расположен, разговарал со персоналот и другите гости, а не одбивал ниту заеднички фотографии.
Самиот тенисер открил дека ова воопшто не е негово прво летување на островот.
„На Мали Лошињ доаѓам секогаш кога имам можност. Пред неколку години токму тука, во една вила во увалата Чикат, поминав десет дена и оттогаш секогаш со задоволство се враќам“, изјавил Федерер.
Иван Љубичиќ му го открил островот
Заслугата што Федерер воопшто го открил овој дел од хрватското крајбрежје му припаѓа на неговиот долгогодишен тренер и близок пријател Иван Љубичиќ.
Швајцарецот со голема почит зборувал за поранешниот хрватски тенисер, истакнувајќи го неговото влијание не само врз изборот на дестинацијата за одмор, туку и врз неговата професионална кариера.
„Островот првпат ми го препорача мојот долгогодишен тренер Иван Љубичиќ, кој многу ме научи и подобри бројни аспекти од мојата игра. Тој е одличен тренер и феноменален човек. Исклучително го ценам него и целото негово семејство. Во голема мера влијаеше врз мојата кариера и сигурен сум дека без него немаше да постигнам сè што постигнав“, истакнал Федерер.
Според него, токму Љубичиќ прв му раскажал за убавините на Лошињ и го убедил да го посети островот.
„Беше целосно во право. Овде е прекрасно, мирно и навистина секогаш уживаме кога ќе дојдеме“, додал славниот Швајцарец.
Соработка која прерасна во големо пријателство
Федерер и Љубичиќ започнаа да соработуваат во 2016 година, а Хрватот остана дел од неговиот тим сè до завршувањето на професионалната кариера на швајцарскиот тенисер.
Во тој период Федерер освои уште три гренслем-титули и повторно успеа да се искачи на првото место на АТП-листата.
Нивниот однос со текот на годините одамна ги надмина рамките на класична соработка меѓу тенисер и тренер и прерасна во блиско пријателство.
Токму затоа не изненадува што Федерер и по завршувањето на професионалната кариера продолжува да се враќа на Мали Лошињ – островот на кој Љубичиќ ја разви и својата тениска академија.
За Федерер, Мали Лошињ очигледно повеќе не е само туристичка дестинација, туку место на кое со семејството и пријателите може да ужива во мирот и приватноста, далеку од секојдневните обврски и големото внимание што го следеше во текот на неговата блескава тениска кариера.






