Сандра Булок првпат подетално проговори за тешкиот период низ кој минувала додека нејзиниот долгогодишен партнер Брајан Рендал се борел со амиотрофична латерална склероза (АЛС), како и за начинот на кој се справувала со неговата загуба.
Актерката, која гостуваше во подкастот „SmartLess“, откри дека Рендал изречно побарал неговата здравствена состојба да остане далеку од очите на јавноста.
„Ме замоли да не зборувам за тоа. Знам зошто го побара тоа“, раскажала Булок.
Таа објаснила дека го почитувала неговото барање, но истовремено признала дека молчењето ја направило целата ситуација уште потешка и поосамена.
Според Булок, долго време единствената личност која знаела низ што минуваат била нејзината сестра Гесине Булок-Прадо. Актерката првично верувала дека може сама да се справи со сè, но истовремено се грижела за тешко болниот партнер, ги одгледувала своите две деца и минувала низ периодот на пандемијата на коронавирусот.
„Тоа беше еден вид мрачен трифекта“, рекла таа.
Подоцна почнала да им се доверува и на неколку блиски пријатели, меѓу кои Џенифер Анистон и Аманда Анка, сопругата на актерот и еден од водителите на „SmartLess“, Џејсон Бејтман.
„Почнав да тагувам четири години пред да почине“
Еден од најемотивните моменти во разговорот бил кога Булок открила дека чувството на загуба започнало долго пред физичката смрт на Рендал.
„Мислам дека почнав да тагувам за Брајан четири години пред да почине. Нешто се промени тогаш“, рекла актерката.
Како што напредувала болеста, таа чувствувала дека човекот кој го познавала постепено се менува.
„Мојата личност исчезна долго пред телото да исчезне. Не мислам дека некогаш навистина се соочив со тоа додека не почина, бидејќи си само на таа лента за трчање што никогаш не запира“, споделила Булок.
Рендал почина на 5 август 2023 година на 57-годишна возраст, по тригодишна борба со АЛС.
Неговото семејство по смртта соопшти дека тој уште од самиот почеток сакал болеста да остане приватна.
„Брајан од самиот почеток одлучи да го задржи своето патување со АЛС за себе, а сите што го сакаа се обидоа да ги почитуваат неговите желби“, беше наведено во семејното соопштение.
Семејството тогаш им се заблагодари и на лекарите и медицинските сестри кои се грижеле за него, истовремено барајќи приватност за да можат да тагуваат и да се справат со загубата.
Тешка и прогресивна болест
АЛС е прогресивна невродегенеративна болест која ги зафаќа нервните клетки во мозокот и ‘рбетниот мозок задолжени за контролирање на мускулите.
Со напредувањето на болеста, пациентите постепено може да ја губат способноста за движење, говор, голтање и дишење. Болеста е позната и како Лу Геригова болест, а во моментов не постои терапија која може целосно да ја излекува.
Љубовната приказна започнала во 2015 година
Булок и Рендал се запознале во јануари 2015 година, кога тој бил ангажиран како фотограф за петтиот роденден на нејзиниот син Луис.
Набрзо започнале врска, а во октомври истата година првпат се појавиле заедно во јавноста на премиерата на нејзиниот филм „Our Brand Is Crisis“.
Во 2021 година, за време на гостувањето во емисијата „Red Table Talk“, Булок отворено зборувала за нивната врска и го нарекла Рендал „љубовта на својот живот“.
Тој бил важен дел и од семејството на актерката и ѝ помагал во одгледувањето на нејзините две посвоени деца – Луис, кој сега има 16 години, и Лајла, која има 12 години.
Рендал имал и ќерка Скајлар, денес 32-годишна, од претходната врска со Џанин Стејтен.
По неговата смрт се огласи и сестрата на Сандра, Гесине, која напиша дека АЛС е сурова болест, но дека утеха наоѓа во сознанието дека Рендал бил опкружен со луѓе кои му обезбедиле максимална грижа.
„Мојата неверојатна сестра и тимот медицински сестри што ги собра помогнаа да се грижат за него во нивниот дом“, напиша таа.
Пред врската со Рендал, Сандра Булок беше во брак со Џеси Џејмс, основачот на „West Coast Choppers“. Нивниот брак траеше од јули 2005 до јуни 2010 година.






