Се тресе клупата на Лацио: Гатузо прв фаворит за тренерската позиција на римскиот гигант

Се тресе клупата на Лацио: Гатузо прв фаворит за тренерската позиција на римскиот гигант

пред 5 часа

Тензиите во Лацио достигнуваат кулминација, а италијанските медиуми сè погласно пишуваат дека разделбата меѓу претседателот Клаудио Лотито и тренерот Маурицио Сари е речиси неизбежна.

Односите меѓу двајцата веќе со месеци се сериозно нарушени, а дополнително масло на огнот долеа Сари по последниот првенствен натпревар, кога изјави дека „Формело е тешка средина“. Од друга страна, Лотито не го крие незадоволството од сезоната, сметајќи дека резултатите се значително послаби во споредба со претходната година.

Според „Кориере дело Спорт“, Сари веќе постигнал договор со Аталанта и сега се очекува само официјалната разврска во Рим.

Во меѓувреме, Лацио активно работи на ангажман на нов стратег, а како главен кандидат се споменува Џенаро Гатузо. Италијанските медиуми наведуваат дека веќе постојат контакти меѓу Лотито и популарниот „Рино“, кој е подготвен да ја разгледа понудата и покрај сложената ситуација во клубот.

Гатузо неодамна ја одбил понудата од Торино, бидејќи не бил убеден во проектот, но Лацио очигледно претставува поинтересна опција за него. Лотито особено ги цени неговиот темперамент, енергија и карактер, верувајќи дека токму таков профил може да внесе нова енергија во тимот по разочарувачката сезона.

Покрај Гатузо, меѓу потенцијалните кандидати се споменуваат и Рафаеле Паладино, Серхио Консеисао и Ернан Креспо.

Интересно е што ова не е првпат Гатузо да биде поврзуван со Лацио. Уште во 2019 година, Лотито бил подготвен уште на полувремето од натпреварот против Аталанта да го отпушти тогашниот тренер Симоне Инзаги, откако тимот губел со два гола разлика. Тогаш дури му се јавил на Гатузо да тргне кон Рим. Но, Лацио во второто полувреме направил пресврт и победил со 3:2, па Гатузо морал да се врати назад пред да стигне во главниот град на Италија.

Во досегашната тренерска кариера Гатузо ги водеше Сион, Палермо, ОФИ Крит, Пиза, Милан, Наполи, Валенсија, Марсеј, Хајдук и италијанската репрезентација, а сега би можел да седне на уште една исклучително жешка клупа – онаа на Лацио.

Share
Scroll to Top