„Секој успех влече кон поголем успех, верувам дека можеме и повеќе“, одбојкарот Александар Љафтов за пласманот на ЕП

„Секој успех влече кон поголем успех, верувам дека можеме и повеќе“, одбојкарот Александар Љафтов за пласманот на ЕП

пред 3 години

Откако македонските одбојкари ја победија Турција и вторпат се пласираа на Европското првенство, многумина го издвоија примачот Александар Љафтов како еден од најзаслужните за победата. Тој, заедно со капитенот Никола Ѓоргиев, како да ѝ станаа омилените спортисти на јавноста. Одбојката стана топ тема иако се играше во исто време кога и ракометот.

Одбојкарот Љафтов, во разговор за „Репортер“ вели дека успехот е заеднички, на сите одбојкари кои веќе неколку години тренираат заедно и даваат сè од себе за да ја направат одбојката еден од омилените спортови во Македонија. Сè уште под импресии по пласманот на ЕП, Александар не крие дека вреди да се уживаат овие моменти кога на големо се зборува за успехот на одбојкарската репрезентација.

„Овие моменти се најубави и вреди да се ужива во нив, да траат што подолго. Ние и пред квалификациите имавме план на четири натпревари да победиме два пати, па затоа и немавме голем притисок пред последната утакмица со Турција. Планот беше да ја победиме Босна, а со Турција да покажеме максимим. Првиот натпревар го изгубивме 3:1, но знаевме дека може да се игра на победа против нив и тоа го покажавме на вториот натпревар, кога им вративме со 3:1“, раскажува за „Репортер“ Љафтов.

Александар игра како примач во тимот. Не крие што во време кога ракометарите настапуваат на Светското првенство, фокусот истовремено успеаја да го свртат и кон одбојката, за која и одбојкарите сами велат дека е спорт од втор ранг кај нас.

„Секоја македонска репрезентација е еднакво вредна. Тоа што ракометарите имаат поголема популарност од нас не ни пречи, ние имаме наша популарност, се издигаме сè повеќе. Не значи дека ако една репрезентација во моментот има послаб настап дека нема да се крене, а јас на ракометарите им посакувам пласман во втората фаза затоа што знам дека можат. Во минатото многу се вложуваше во ракометот, а одбојката е далеку послаба финансиски, но со овие две Европски првенства по ред, знаеме и чувствуваме дека се издигнуваме сè повеќе“, вели Александар, кој тренира одбојка од својата 12 година.

Кариерата ја почнал во Струмица, а во моментов игра во најсилната бугарска лига, за клубот „Хебар“.

„Во сегашниот клуб се чувствувам одлично и имам големи успеси. А еден ден би сакал да играм за некој од најдобрите клубови од Русија“, вели тој.

Признава и дека по вториот пласман на одбојкарите на ЕП, сега апетитите им се поголеми и размислуваат за посилни натпреварувања.

„Секој успех влече кон уште поголем успех. Се разбира дека апетитите ни се зголемени, но да одиме чекор по чекор, да стекнеме уште повеќе искуство и самодоверба, јас верувам во моите момци и знам дека сплотени можеме да достигнеме до врвот, до Светското првенство, а зошто да не и до Олимпијада. Би сакал еден ден да играме и на Олимписки Игри“, додава тој.

Андријана Јовановска 

Share
Scroll to Top