Сидни Свини продолжува со рекламната кампања за спортската платформа „Новиг“, и покрај критиките што ги предизвика нејзиниот претходен спот. Во новата реклама, објавена во неделата, на 11 октомври, 29-годишната актерка повторно се појавува без горен дел од облеката, покривајќи ги градите со две топки за американски фудбал.
Ѕвездата на „Еуфорија“ носи бела долна облека со логото на платформата и преку иронична порака се осврнува на необичните теми за кои луѓето се обложуваат.
„Постојат возрасни мажи што прават табели за да се обложуваат каква боја долна облека носам. Мислам, поласкана сум?“, вели Свини во спотот.
Рекламата завршува со пораката дека „Новиг“ е платформа посветена на „само спорт“, со што кампањата го нагласува спортското прогнозирање и тргувањето.

Новото видео доби поддршка од дел од нејзините обожаватели. Во коментарите, некои се шегуваат дека Свини повторно ќе ги налути критичарите, додека други го поздравуваат нејзиното продолжување на кампањата.

Претходната реклама, објавена во септември, предизвика реакции поради начинот на кој жените се претставени во спортски контекст. Дел од критичарите оценија дека спотот го сексуализира женскиот спорт и го става изгледот пред способностите и постигнувањата на спортистките.

Свини тогаш објави дополнителни фотографии од кампањата, а на своите инстаграм-приказни сподели и фотографии од спортисти што позирале без облека за познатото издание „Body Issue“ на „ЕСПН“. Меѓу нив беа Серена Вилијамс, Ронда Раузи, Карл-Ентони Таунс и Џејсон Келси.

Меѓу јавните личности што ја коментираа кампањата беше и Шерон Стоун. Во изјава за „Пипл“, актерката порача дека Свини треба да преземе одговорност за своите постапки, додавајќи дека нејзината улога е да ги поддржува жените што станале шампионки во спортот.
„Не можеме да го понижуваме женскиот спорт за да го привлечеме вниманието на мажите за тие да се коцкаат“, изјави Стоун.
И покрај поделениот прием на претходниот спот, Свини во новата реклама го задржува истиот провокативен пристап.






