Синодот на МПЦ-ОА со реакција до Вучиќ по изјавата за Српската црква во Скопје

Синодот на МПЦ-ОА со реакција до Вучиќ по изјавата за Српската црква во Скопје

пред 7 часа

Светиот архијерејски синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА) реагира на неодамнешната изјава на српскиот претседател Александар Вучиќ дека „Српската Црква е иста и во… Скопје…“.

Реакцијата на Синодот доаѓа неколку дена откако „Религија.мк“ ја објави изјавата на Вучиќ, дадена во Мркоњиќ Град, во која тој зборуваше за Српската православна црква и нејзиното присуство во Скопје.

Од Синодот посочуваат дека МПЦ-ОА, како што наведуваат, е „легитимен носител на благодатната полнота на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква“, како и наследничка на Јустинијана Прва и на обновената Охридска Архиепископија.

„МПЦ – ОА ја остварува својата духовна и пастирска мисија кон сите православни христијани на својата канонска територија, без каква било условеност од нивната национална, политичка, културна или етничка припадност“, се наведува во реакцијата.

Од МПЦ-ОА додаваат дека, свесна за својата историска улога и одговорност во духовниот живот на македонскиот народ, Црквата останува „отворена за сите“, со цел верниците да ги обединува во единството на верата и евхаристиското заедништво.

Синодот нагласува дека со тоа се надминуваат, како што се наведува, „сите минливи политички, идеолошки и општествени поделби“.

„Евангелието Христово, верата во Воскресението и благосостојбата на доверените души се основната и единствена водилка во дејствувањето на МПЦ – ОА“, се вели во соопштението.

Во него се додава дека МПЦ-ОА ги отфрла „сите политички, идеолошки светови или платформи, од каде и да доаѓаат“.

Реакцијата е потпишана од Канцеларијата на Светиот архијерејски синод на МПЦ-ОА.

Share
Scroll to Top