Сицилија во знакот на љубовта: Дуа Липа и Калум Тарнер приредија гламурозна свадбена прослава во Палермо - Фото

Сицилија во знакот на љубовта: Дуа Липа и Калум Тарнер приредија гламурозна свадбена прослава во Палермо – Фото

пред 3 часа

Само неколку дена по нивната интимна венчавка во Лондон, светски познатата пејачка Дуа Липа и британскиот актер Калум Тарнер организираа раскошна свадбена прослава на Сицилија, која веќе е прогласена за еден од највпечатливите шоубизнис настани на годината.

Додека официјалното венчавање во британската престолнина беше скромно и резервирано само за најблиските пријатели и членови на семејството, прославата во Палермо беше вистински спектакл исполнет со гламур, познати гости и луксузна атмосфера.

Фотографиите од настанот ја прикажуваат 30-годишната Дуа Липа во ексклузивна креација од модната куќа „Ботега Венета“, изработена специјално за неа. Фустанот во стил на сирена беше украсен со бели ноеви пердуви и имаше впечатлив отворен грб, создавајќи елегантен и сензуален изглед.

Според списанието „Вог“, пејачката својот изглед го надополнила со чанта од пердуви и луксузен златен накит од „Булгари“, додека косата ја носеше пуштена во природен стил. Липа со години важи за една од најголемите обожавателки на „Ботега Венета“, а во јавноста често се појавува во нивни модни креации.

На фотографиите од Палермо може да се види дека Дуа Липа и Калум Тарнер пристигнале на еден од градските плоштади танцувајќи, поздравувајќи ги гостите и разменувајќи бакнежи пред бројните фотографи.

Тарнер, кој има 36 години, избра елегантно беж ленено одело од брендот „Jacquemus“, комбинирано со бела кошула и црни очила за сонце од „Jacques Marie Mage“.

Меѓу гостите на свадбената прослава беа бројни светски познати имиња од музиката и модата. Присуствуваа музичкиот продуцент Марк Ронсон и неговата сопруга, актерката Грејс Гамер, британската поп-ѕвезда Чарли XCX, како и други личности од светскиот шоубизнис.

Според медиумските извештаи, на листата гости се наоѓаат и Елтон Џон, Донатела Версаче, Кајли Миног, Хари Стајлс и Роби Вилијамс.

Италијанските медиуми со недели наназад ја најавуваа прославата како „свадба на годината“, а интересот за настанот беше огромен уште пред неговото одржување.

Сепак, реакциите во Палермо не се едногласни. Додека дел од жителите се горди што токму нивниот град е избран за домаќин на еден ваков светски настан, други негодуваат поради затворените улици, засилените безбедносни мерки и ограничувањата во секојдневниот живот, за што известуваше и британскиот „Гардијан“.

Дуа Липа, која потекнува од косовско семејство, денес е една од најголемите поп-ѕвезди во светот. Во 2024 година беше главна ѕвезда на фестивалот „Гластонбери“, а нејзините хитови редовно ги освојуваат светските музички листи.

Калум Тарнер, пак, стекна светска популарност со улогата во филмскиот серијал „Фантастични ѕверови“, а британските медиуми веќе подолго време го вбројуваат меѓу фаворитите за улогата на следниот Џејмс Бонд.

Интересен е и фактот што двојката претходно се венчаше во истата лондонска општина каде што низ годините судбоносното „да“ го кажале бројни светски ѕвезди. Меѓу нив се Пол Макартни, кој таму се ожени со Линда Истман во 1969 година, а потоа и со Ненси Шевел во 2011 година, тапанарот на „Битлси“ Ринго Стар и неговата сопруга Барбара, како и актерската двојка Мелани Грифит и Антонио Бандерас.

На истото место двапати се венчал и Лијам Галагер од легендарната група „Оејзис“ – прво со Петси Кенсит во 1997 година, а потоа и со Никол Аплтон во 2008 година.

Со спектакуларната прослава во Палермо, Дуа Липа и Калум Тарнер ја заокружија својата љубовна приказна, претворајќи ја Сицилија во центар на светскиот шоубизнис и една од најкоментираните свадбени дестинации ова лето.

Share
Scroll to Top