Скандал што ја тресе Турција: Ѕвезди од музиката и телевизијата на мета на полицијата

Скандал што ја тресе Турција: Ѕвезди од музиката и телевизијата на мета на полицијата

пред 5 часа

Турската јавност е во шок по една од најголемите полициски акции насочени кон естрадната сцена во последните години, откако десетици познати личности се најдоа во центарот на истрага за наводна употреба и трговија со наркотични супстанци.

Во координирана операција на Одделот за борба против наркотички криминал при полицијата во Истанбул, приведени се 22 лица, меѓу кои и некои од најпрепознатливите имиња од турската музичка и актерска индустрија.

Меѓу приведените се актерката Берен Саат, која стекна огромна популарност низ Балканот со своите телевизиски улоги, нејзиниот сопруг и познат пејач Кенан Догулу, како и неговиот брат, музичкиот продуцент и аранжер Озан Догулу.

Според информациите што ги пренесуваат турските медиуми и Би-Би-Си, истрагата продолжува да се шири, а обвинителството веќе издало потерници и за други познати личности од турскиот шоубизнис. На списокот се наоѓаат пејачката Ајше Хатун Онал, популарниот фолк-пејач Бердан Мардини, инфлуенсерот и музичар Керимџан Дурмаз, како и актерот Енис Арикан.

Ова не е прв удар врз турската естрада. Само неколку недели претходно, на 21 мај, беше спроведена друга голема акција во која под истрага се најдоа познатата кантавторка Мабел Матиз и актерката Серенај Сарикаја. Во рамки на истрагата од нив биле земени примероци од крв, коса и урина за лабораториски анализи.

Турските власти веќе подолго време водат агресивна кампања против употребата и трговијата со дрога, без разлика дали станува збор за јавни личности или обични граѓани.

Според турскиот Кривичен законик, употребата, поседувањето или набавката на дрога за лична употреба се казнува со затворска казна од две до пет години. Во одредени случаи судовите можат да наложат задолжително лекување и надзор наместо затвор, особено кога станува збор за прв прекршок.

Но доколку истрагата утврди вмешаност во продажба, посредување, снабдување или организирање на мрежа за дистрибуција на наркотични супстанци, казните се значително построги и можат да достигнат од 10 до 20 години затвор.

Новиот скандал предизвика бурни реакции на социјалните мрежи и во турската јавност, каде со денови се дебатира за тоа дали станува збор за изолирани случаи или за поширок проблем кој со години постои во светот на славните личности.

Додека истрагата продолжува, турските медиуми најавуваат дека во наредните денови може да следуваат нови приведувања и сослушувања, што дополнително ја зголемува неизвесноста околу еден од најголемите скандали што ја потресоа турската естрада во последната деценија

Share
Scroll to Top