Славе Димитров со солзи ја испеа „Чија си“: Публиката на нозе му аплаудираше на концертот за неговиот 80. роденден

Славе Димитров со солзи ја испеа „Чија си“: Публиката на нозе му аплаудираше на концертот за неговиот 80. роденден

пред 11 часа

Со „Чија си“, испеана заедно со публиката, Славе Димитров го заврши емотивниот концерт посветен на неговиот 80. роденден. Легендарниот музичар не ги сокри солзите додека ја пееше песната што ја одбележа неговата кариера, а публиката неколку минути стоечки му аплаудираше.

Концертот „Од Евридика до Чија си“ се одржа на 28 ноември во Филхармонијата, со Националниот џез оркестар под диригентската палка на Џијан Емин и со настапи на бројни македонски музички ѕвезди, пишува САКАМДАКАЖАМ.МК⁠�.

На сцената оживеаја повеќе од 20 песни од богатото творештво на Димитров. Публиката низ вечерта ја водеше Игор Џамбазов, кој ги најавуваше изведувачите со приказни за песните и за нивниот автор.

Билетите за концертот биле распродадени за десет часа, а настанот се одржал на иницијатива на синовите на музичарот, Дарко и Оливер Димитров, и неговиот внук Горан Саздановски.

Џамбазов: Кога го гледам репертоарот, сфаќам кој е мојот чичко Славе

На почетокот на концертот, Игор Џамбазов се осврнал на делата што ја одбележале долгогодишната кариера на Димитров. Музичарот бил близок пријател и соработник на неговиот татко, композиторот и диригент Александар Џамбазов.

„Кога го гледам овој репертоар, сфаќам кој е мојот чичко Славе“, рекол Џамбазов.

Во најавите тој ја потсетил публиката на музичките фестивали и на градовите во кои се слушале песните на Димитров – од Опатија, Загреб и Белград до Скопскиот фестивал. Говорел и за љубовта како инспирација во неговото творештво, како и за едноставноста и емоцијата по кои се препознатливи неговите песни.

Македонските ѕвезди ги испеаја песните на Димитров

На концертот настапија Калиопи, Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Игор Џамбазов, Сашо Гигов-Гиш, Олгица Христовска, Никола Перевски-Пере од групата „Нокаут“ и Миа Перевска, Ѓоко Танески, Александар Тарабунов, Дац и Александар, Маја Панчева, Барбара Поповиќ, Павле Камиловски, Стево и Сара Чепишевски, Ана Петановска, Билјана Ѓошева, Маја Саздановска, Мартија Станојковиќ, Ана Костадиновска и Лина Пејовска.

Калиопи ја изведе „Нежност“, чиј текст е песна на Блаже Конески. Тамара Тодевска ја испеа „Дали да ти пријдам“, Каролина Гочева настапи со „Каде песно моја“, а Александар Тарабунов со „Делфина“.

Никола Перевски-Пере и неговата ќерка Миа ја изведоа „Момчето со мандолина“, додека Ана Петановска ја разигра публиката со „Ти само збориш“.

Меѓу песните што се слушнаа беше и „Ти си песна што ќе трае“ од Верица Ристевска, која, како што кажал Џамбазов, е омилената пејачка на Славе Димитров.

Приказната за средбата со Блаже Конески

Џамбазов пред публиката раскажал и за средбата на Димитров со Блаже Конески во воз, на пат од Белград.

Според приказната, Димитров го прашал Конески дали во популарната музика треба строго да се користи литературниот јазик. Конески му одговорил дека може да се направат отстапки во интерес на мелодијата.

Со оваа приказна била најавена „Нежност“, која ја испеа Калиопи. Џамбазов, пак, ја изведе „Очи“, со текст на Ацо Шопов, најавувајќи се како „младиот, талентиран актер кој сака да пее“.

Детските хитови ја вратија публиката во минатото

Покрај добро познатите забавни песни, на концертот беа изведени и детските хитови со кои растеле многу генерации.

„Во светот на бајните“ ја испеаја внуките на Димитров, Олгица Христовска и Маја Саздановска. Публиката ја запеа и „Ѕм, ѕм, ѕм, ѕм“ заедно со Александар и Дац, Маја Гроздановска-Панчева и Билјана Ѓошева.

На крајот од вечерта, на сцената се собраа пејачите, заедно со синовите и внуците на Димитров. Џамбазов ја повика публиката да му се поклони на музичарот, по што следуваа долги аплаузи.

Димитров потоа ја запеа „Чија си“ заедно со изведувачите, оркестарот и публиката. Емоциите надвладеаја и тој се расплака додека ја изведуваше песната прогласена за хит на векот.

Неодамна, во издание на „Арс либрис“, како дел од „Арс ламина – публикации“, излезе и авторизираната биографија „Чија си“ од Максим Ристески. Книгата ги опфаќа животот, музичката кариера и творештвото на Димитров, а е објавена во годината кога се одбележуваат неговиот 80. роденден и 55 години од првото јавно изведување на „Чија си“.

Share
Scroll to Top