Снимена голема бела ајкула во Медитеранот: Експертите откриваат каде најчесто доаѓа до напади врз луѓе

Снимена голема бела ајкула во Медитеранот: Експертите откриваат каде најчесто доаѓа до напади врз луѓе

пред 10 часа

Појавата на една од најпознатите морски грабливки во близина на медитеранскиот брег повторно го привлече вниманието на јавноста, откако беше објавена снимка од возрасна голема бела ајкула. Иако ваквите снимки кај многумина предизвикуваат страв, научниците нагласуваат дека нема причина за паника и дека туристите можат без грижа да уживаат на плажите.

Според експертите, станува збор за првата видеоснимка од возрасна голема бела ајкула регистрирана во тој дел од Средоземното Море. Откритието предизвика голем интерес кај научната јавност бидејќи оваа импресивна морска грабливка се смета за една од најголемите и најмоќни во светските океани.

Сепак, експертите нагласуваат дека ајкулата е забележана далеку од туристичките плажи и местата каде што се капат луѓе.

„Нема причина за вознемиреност. Океанот е нивно природно живеалиште и ваквите средби треба да поттикнат почит и восхит кон овие животни, а не страв“, изјави д-р Лорен Смит од организацијата „Saltwater Life“.

Додека Средоземјето останува релативно мирно кога станува збор за напади од ајкули, сосема поинаква е ситуацијата на другата страна од Атлантикот. Флорида и натаму ја носи титулата „светска престолнина на нападите од ајкули“.

Во текот на 2025 година таму биле регистрирани 11 таканаречени непредизвикани напади врз луѓе, што претставува околу 17 проценти од сите такви случаи во светот. Повеќе од половината од инцидентите се случиле во округот Волусија на источниот брег на Флорида, област која со децении важи за една од најризичните за средби меѓу луѓе и ајкули.

Податоците потекнуваат од Меѓународната база за напади од ајкули, која ги следи ваквите случаи уште од 16 век. Во статистиката се вклучуваат само инциденти во кои човекот не ја испровоцирал животната. Не се сметаат случаи поврзани со подводен риболов, ослободување ајкула од мрежа или јадица, ниту други ситуации кои можат да го променат нејзиното однесување.

Иако во 2025 година биле регистрирани вкупно 65 напади на ајкули низ светот, што е помалку од десетгодишниот просек од 72 случаи годишно, бројот на смртни случаи бил поголем од вообичаено.

Минатата година дури девет напади завршиле фатално, додека долгорочниот просек изнесува околу шест смртни случаи годишно.

Соединетите Американски Држави повторно се на врвот на листата со 25 регистрирани напади, што претставува 38 проценти од сите случаи во светот.

Загрижувачки бројки доаѓаат и од Австралија, каде во текот на годината биле забележани 21 напад, значително повеќе од петгодишниот просек од 13 случаи. Дополнително, Австралија учествува со дури 56 проценти од сите смртни случаи поврзани со напади од ајкули во светот.

Експертите објаснуваат дека причината лежи во присуството на три особено опасни видови – бик-ајкулата, тигрестата ајкула и големата бела ајкула.

Големата бела ајкула може да достигне должина и до шест метри и поседува исклучително моќни вилици исполнети со остри заби. Поради нејзината големина и сила, дури и таканаречениот „истражувачки загриз“, со кој ајкулата се обидува да утврди за каков објект станува збор, може да има сериозни последици за човекот.

Сепак, експертите истакнуваат дека Австралија располага со еден од најдобрите системи за брза реакција при вакви инциденти.

„Австралија има еден од најдобрите системи за одговор во светот. Само неколку минути по нападот, хеликоптерите веќе се во воздух и подготвени за интервенција“, изјави Гевин Нејлор, директор на Програмата за истражување на ајкули при Природонаучниот музеј на Флорида.

Сепак, голем предизвик остануваат огромните и оддалечени делови од австралискиот брег, каде што многу плажи се наоѓаат далеку од болници и урбани центри, што може да го отежне навременото медицинско згрижување.

Научниците потсетуваат дека ајкулите се важен дел од морскиот екосистем и дека нивното присуство во океаните е природно. Според нив, ваквите снимки треба да бидат потсетник за богатството на морскиот свет и за потребата од поголемо разбирање и почитување на природата, а не причина за страв кај туристите и капачите.

Share
Scroll to Top