Снимка од Јадранот од 1963 година го освои интернетот: Еден детал ги изненади сите

Снимка од Јадранот од 1963 година го освои интернетот: Еден детал ги изненади сите

пред 8 часа

Архивска снимка од Будва, снимена во 1963 година, повторно ја разбуди носталгијата за минатите времиња и предизвика бројни реакции на социјалните мрежи. Видеото, кое е дел од филмот „Добредојдовте во Будва“, продуциран од „Ловќен филм“, беше објавено на официјалните профили на Радио-телевизија Црна Гора и за кратко време стана вистински хит меѓу корисниците.

Додека едни се потсетуваа на животот во поранешна Југославија, други веднаш забележаа еден необичен детал – речиси сите луѓе на снимките изгледаат слаби, физички подготвени и без вишок килограми.

Социјалните мрежи преплавени со коментари

Под видеото се појавија стотици коментари во кои корисниците го споредуваат тогашниот и денешниот начин на живот.

„Нема тетоважи“, напиша еден корисник.

„Сите изгледаат природно и симпатично“, коментира друг.

Многумина сметаат дека луѓето тогаш живееле поздраво.

„Тоа беа времиња кога се живееше поздраво.“

„Убаво и здраво време.“

„Нема хамбургери, пици… сите се рамни како штица.“

„Нема силикони, нема вишок килограми.“

Токму ваквите коментари повторно ја отворија дебатата зошто луѓето пред шест децении во просек биле послаби и оставале впечаток дека биле во подобра физичка форма.

ВИДЕОТО ПОГЛЕДНРТЕ ГО ТУКА

Начинот на живот бил сосема поинаков

Иако самата снимка не нуди научен одговор, многумина сметаат дека причината лежи во тогашниот начин на живот.

Во шеесеттите години луѓето биле значително пофизички активни, повеќе пешачеле и поголем дел од денот го минувале надвор. Брзата храна и индустриски преработените производи речиси и да не биле дел од секојдневната исхрана, а домашно подготвените оброци биле правило, а не исклучок.

Според голем број коментари, токму овие навики придонеле луѓето да бидат послаби и во подобра кондиција.

Плажите изгледале сосема поинаку

Архивските кадри многумина ги потсетија и на фотографиите од летувањата во осумдесеттите години, кои претходно станаа вирални на интернет.

На нив може да се видат плажи без редови лежалки и чадори, без мобилни телефони и селфи-фотографии. Наместо тоа, луѓето разговарале, се дружеле, играле и уживале во морето.

Многумина забележаа дека тогашните плажи биле далеку поедноставни и подостапни за сите.

„Излегуваш од морето, мокар легнуваш директно на песокот. И, замислете, преживуваш“, гласи еден од најкоментираните коментари.

Друг корисник додал:

„Никаде нема лежалки, никаде чадори. И јас така летував и беше прекрасно.“

Носталгија за едноставниот живот

Иако снимката е стара повеќе од шест децении, таа повторно поттикна дискусија за тоа колку современиот начин на живот се променил.

Многумина сметаат дека порано луѓето биле помалку оптоварени со изгледот, социјалните мрежи и постојаното докажување, а повеќе време посветувале на дружење, движење и уживање во едноставните работи.

Токму затоа архивската снимка од Будва не предизвика само носталгија, туку и потсети дека здравите навики и едноставниот начин на живот можеби се најголемата разлика меѓу тогашното и денешното време.

Share
Scroll to Top