Со концертот „Македонисимо“ на Симон Трпчевски синоќа во Рим, во рамки на културната програма на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“ беше одбележан Денот на сесловенските просветители.
Во своето поздравно обраќање пред концертот, министерот се осврна на пијанистот Симон Трпчески и квинтетот „Македонисимо“, на кој беа изведени дела од Едвард Григ, Петар Илич Чајковски и македонскиот композитор Панде Шахов.
„Имаме особена чест да уживаме во интерпретацијата на еден од најистакнатите амбасадори на македонската култура, пијанистот Симон Трпчески. Симон со својата уметност не го освојува само светот, туку во секој тон, во секој акорд, на секоја сцена ја раскажува приказната за нашата земја, за нашата радост, тага, за нашата упорност. Тоа што тој го носи на сцената не е само музика – тоа е душа, тоа е Македонија. Секој негов настап е сведоштво дека уметноста е универзална, дека таа обединува и воздигнува и дека токму преку неа се среќаваат духовното, боженственото и човечкото. Затоа нека вечерашниот концерт биде нашата современа молитва, не со зборови туку со музика. Нека таа зборува таму каде што зборовите замолкнуваат. Нека делото на Свети Кирил и понатаму нѐ води низ вековите, низ културата и низ срцето на народот, затоа што јазикот ни е дом, културата ни е светлина, а заедништвото – сила“, порача Љутков.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, како член на државно-црковната делегација предводена од претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, по повод чествувањето на денот на светите браќа Кирил и Методиј, претходно го посети и гробот на папата Франциск, а положи свежо цвеќе и пред спомен-плочата на македонски јазик во базиликата „Санта Марија Маџоре“.